Националната установа Камерен оркестар на Битола, јубилејот 10 години од денот на формирањетo го одбележува со, како што за МИА изјави в.д. директорот Владимир Димовски, рушење на рекорди со своите проекти.

Овој значаен момент, не само што ја одразува нашата посветеност кон уметноста и културата, туку и ја потврдува улогата на македонската музичка сцена, посочи Димовски.

– Минатата година, НУ Камерен оркестар на Битола оствари повеќе од 20 проекти, со вкупна посетеност од  над 20.000 посетители. Меѓу најпознатите проекти се MTV The Greatest Hits Volume 1, кој се реализира во Битола и Скопје, традиционалниот новогодишен концерт „Виена во Битола“ за кој поради големата заинтересираност во последен момент беа организирани два концерти, потоа проектот „Јонче Христовски Симфонија“ кој во Скопје и Битола кој беше распродаден за само неколку часа,  Viva Verdi, Rock & Beat Symphony и многу други. Оваа година Камерниот оркестар на Битола ја почна со проектот MTV The Greatest Hits 80’s & 90’s Volume 2, кој е продолжение на проектот MTV The Greatest Hits 80’s & 90’s  но со изменет репертоар кој вклучува и незаборавни рок хитови од легендарните рок бендови што ја обликуваа музичката сцена во оваа ера како што се Guns N’ Roses, Queen и многу други, посочи Димовски.

Викендов во Битола членовите на Камерен оркестар одржаа два концерти на кои композициите ги изведоа Ирена Димовска, Полина Тасева, Агни Авшар, Ана Петановска, Јасна Димитровска, Мила Николовска, Огнен Димовски и специјалната гостинка Dona Marina Martensson – женскиот вокал на светски познатата авангардна музичка група Лајбах, поп-рок хорот БИТВОКС, балетски играчи, солисти при национална опера и балет, и членови на КУД Илинден.

-Огромниот интерес за проектите на НУ Камерен оркестар на Битола не е само признание за нивната професионалност и музичка подготвеност, туку и доказ за љубовта што публиката ја има кон Камерниот оркестар. Во оваа прилика искажуваме огромна благодарност до сите кои не поддржуваат и даваат мотивација да создаваме поинтересни и повосхитувачки проекти, нагласи Димовски.

Во годината на јубилејот НУ Камерен оркестар на Битола ќе приредат и други музички проекти, посочија од таа национална установа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.