Јавната општинска установа Културно-информативен центар-Битола, во својот објект, Офицерски дом, ќе отвори Музичка соба.
Станува збор за проект за чија реализација упатуваме јавна покана за соработка со граѓаните и колекционерите кои можат да дадат свој придонес кон овој проект. Доволно е само да ги споделат своите спомени, фотографии, раритети, изјави за МИА, Тоше Ивановски, координатор на проектот.
За Битола велат дека е најопеаниот град на Балканот. За славната конзулска Битола, од дамнина па до денес, испеани се над тристотини песни. Битола е градот кој на македонската музика им ги даде Кирил Македонски и првата македонска опера „Гоце“, но и маестро Георѓи Здравев, Михајло Николовски, Јонче Христовски, Виолета Томовска, Пепи Бафтировски, Вевки Амедов,Тале Огненовски, Сашка Петковска, Славе Димитров, Билјана Дамјановска, Сефедин Бајрамов, Кире Костов, Петар Георгиев Калица, Валентин Соклевски, Миодраг Неќак, Сотир Спасевски и други исполнители, композитори и автори на музика, истакна Ивановски.
Во Офицерски дом ќе бидат поместени информации и за прославениот хор на КУД „Стив Наумов“, групите Гром, Мадригали, БТ Топ, Буба Мара,Чоканче, Фолтин, Паркети, Памперс, потоа големите трубачи како Гоце Димитровски, Благој Ангелевски, Ковачевски, трубачот и мулти инструменталист Вангел Мачковски, и секако првиот Почесен граѓани на Битола и автор на химната на градот „Битола мој роден крај“, Ајри Демировски.
Да се пее за Битола, значи да се пее со љубов и болка во исто време. Битола ја раскажува својата историја низ музиката и личностите кои твореле. Од првите гајдаџии како Тале гајдаџијата, Јован Несторов Цветковски,Трајан Димовски-Балто до Блаже Илиев Стојановски – Пифка, потоа Нестор Црниот-кавалџијата, гусларите Ташку Павлов, Коста Михајлов Најче и Апостол Секуловски, посочи Ивановски.
Во посебната Музичка соба ќе бидат истакнати информации за првите клавири, прочуениот Димитрие Лала, ученик и соработник на Рихард Вагнер, виолината на д-р Константин Робе, првите музичките кутии, првите чалгикси орекстри, еврејските орекестри како „Хатиква“ (Надеж), ромските музички тајфи, преку формирањето на Радио Битола, до првите рок паради и серенади за Битола, за кои пишувале многумина наши сограѓани кои живееле или живеат во Битола, но некои сега се и надвор од градот, и токму затоа до крајот на годината ќе биде отворен јавниот повик за вклучување во овој проект, нагласи Ивановски.
Во битолскиот Офицерски дом освен информации, се очекува да бидат изложени и музички инструменти кои ќе бидат на достап на јавноста што ќе го посетува овој импозантен објект во градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.