На 23-ти ноември во 20 часот, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” во Велес ќе се одржи авторски концерт на македонскиот композитор и диригент Владимир Николов.
На концертот ќе бидат изведени одбрани композиции од неговиот богат творечки опус, меѓу нив и неколку светски и македонски премиери. Ова е воедно и негов прв целовечерен авторски концерт со Националниот Џез Оркестар.
Владимир Николов е композитор чие творештво опфаќа широк спектар на изразни средства и жанрови, користејќи ги искуствата во класичната музика и џезот како појдовна точка. Веќе подолго време е “зад сцената” во улога на аранжер во светски оркестарски проекти, но често настапува и како диригент со реномирани солисти и ансамбли. Како редовен аранжер на еден од најдобрите ревиски оркестри во светот – Метропол Оркестра, соработувал со врвни имиња како Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза, Џулс Бакли и Џејкоб Колиер. Како автор и бенд лидер има издадено три студиски албуми со ансамблот Николов-Ивановиќ Ундектет. Угледниот магазин JazzTimes овој ансамбл го оценува како „извонреден, еден од моментално најкреативните големи џез ансамбли во Европа”, а Downbeat музиката на овој ансамбл ја оценува како „ритмички сложенa, хармонски евокативнa, беспрекорно аранжиранa”.
Овие квалитети прострујуваат и во неговата музика за биг-бенд оркестар која соединува различни стилови во еден органски сублимат. За своите композиции и аранжмани за биг-бенд е добитник на бројни награди и признанија. Авторскиот концерт насловен „Стремеж” вклучува композиции од различни периоди во минатите 22 години авторска дејност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.