Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д мапинг и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „Грув“ на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ кој ќе се одржи на 21 април на сцената на Националната опера и балет.

На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Музичкото искуство на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.

На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.

Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш. Користиме технологија која првпат се употребува на концерти од ваков тип и во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки и уникатната програма ќе ја разбуди синергијата кај секој од присутните, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.

Инаку, ова е следен во низата на концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“, откако минатата година ја одбележа настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану која ја наполни концертната сала на Националната филхармонија.

Настанот ќе се одржи во Националната опера и балет, на 21 април (петок) со почеток во 20 часот. Влезниците, по цена од 750 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс во државата, како и на следниот линк – https://mktickets.mk/event/groove/.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.