Четири пејачки ќе ја пеат песната „Мотори“ од „Дивље јагоде“. Како љубител на мотори, ќе ги поканам и моторџиките кои ги запознав возејќи низ поранешна Југославија, беше соопштено на прес конференцијата на групата „Меморија“ која за 16 ноември најави спектакуларен концерт.
Во музичкиот концепт на концертот, дамите како Ружица Брчиоска и „Ареа“, Дани Димитровска, Андријана Јаневска, Сара Мејс, Александра, Илиева, Тијанче Илова… засилени со едно машко има – Бранко Ѓоргиев, ќе бидат оние кои со својата вокална или инструментална изведба ќе ја обојат атмосферата и целиот амбиент.
„Концертот е замислен како едно големо мултимедијално шоу, кое ретко се гледа. Ќе бидете и самите изненадени од некои работи кои досега не сте ги виделе или сте ги виделе, но не кај нас и не во таква форма и интензитет. Генерално работите околу продажбата на влезниците одат добро и се надевам дека ќе имаме една вистинска концертна журка пред преполна сала со максимален фидбек на публиката кон бендот. Еден апсолутно концертне спектакл и во аудио и во визуелна смисла. Ние најавивме повеќе изненадувања и повеќе гости на концертот – познати македонски музички имиња. Ова ќе биде женска журка, кога се гостинките во прашање, но има и по некое машко. Меѓу сите нив и последниот гостин кој што го чуваме до крај во тајност, со сиот респект на оние кои ги знаете и се објавени и споменати, е вистинска музичка ѕвезда со интернационална кариера. Во прашање е едно големо, можеби во моментов и најголемото наше музичко име со интернационална кариера, на чии маестрални изведби се поклонува публиката ширум светот“, рече ПР от на групата, Антонио Димитриевски.
Изненадување беше видеото од новата балада на „Меморија“, „За тебе“, во изведба на женскиот хор „Фрида“, кој го предводи Сузана Турунџиева. Оваа песна бендот ја напишал како посвета на сопругата на пејачот Апостол Икономов-Поце, Вики, која по долго боледување почина во мај.
На претходната прес-конференција „Меморија“ ја промовираше новата песна „За добро нека е“, чиј автор е новиот член на бендот, гитаристот Рубин Димкоски, а текстот е на Душко Темелковски, некогашниот пејач на прилепската група „Бен Хур“.
„Песната е напишана за Филип Николовски, мој најголем фан. Тој има 25 години и се движи со помош на инвалидска количка“, рече тогаш Димкоски.
Групата најави дека и Николовски ќе биде гостин на концертот и ќе ја пее песната во придружба на младата тапанарка Теа. На концертот ќе се појави и автомобилистот Игор Стефановски-Иџе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.