Културно уметничко друштво „Гоце Делчев“ од Делчево синоќа го одржа најавениот концерт по повод големиот јубилеј 50 години постоење на друштвото.
Настанот беше посветен на младите играорци кои пред присутната публика се претставија со повеќе кореографии, а свое претставување имаа и членови на Друштвото за култура „Каблови„ од Јагодина, Србија, со кое друштвото има долгогодишна соработка.
Почетоците на друштвото како што истакна пред присутната публика првиот претседател на друштвото Лимонка Арсова, се од далечната 1974 година. Тогаш во Делчево започнале да се формираат пејачки и играорни групи кои работеле со голем ентузијазам, но не биле организирани и финансиски и стручни помагани.
-Ентузијастот делчевецот Иван Ванчо Сребро тогаш ја формираше најпрвин групата Распеани Делчевчани. Во таа група членуваа интелектуалци, работници занаетчии и др…и постепено се формираше и оркестарот во кој членуваат и аматери-учесници, кои подоцна ќе прераснат во врвни музичари. Распеани Делчевчани го негуваат мелосот од Пијанец настапувајки во повеќе градови и населени места и по учество на регионални средби, истакна Арсовска.
Поради големиот интерес на оваа група, поради потребите за сценски настапи, но и поради потребите да се презентира фолклорната традиција, паралелно со Распеани Делчевчани е формирана и играорната група.
-На иницијатива на музичарот педагог Ванчо Сребров, средбата се одржа во тогашната Соколана, каде одлучивме друштвото и официјално да го добие името Културно-уметничко друштво ,,Гоце Делчев Делчево. Составено од распеани Делчевчани и играорци, друштвото заедно постигна големи успеси не само во тогашна Југославија, туку и во странство. Во Соколаната беа повикани повеќе истакнати Делчевчани кои имаа потенцијал и кои подоцна ќе споменат членови на друштвото. Ќе ги споменам Десанка Атанасова Милка Василенко Милка Сугарева, Љупка Димитровска Кирил Златков Ванчо Цонев…и многу други. По оваа генерација се раѓаат уште генерации кои даваат свој придонес во програмските активности, додаде првиот претседател на друштвото Арсовска.
Овие луѓе ги покренале првите чекори , поставувајки ги темелите на КУД “Гоце Делчев” Делчево, а сите и тогаш и денес биле сигурни дека друштвото ќе има иднина, само доколку младите генерации го препознаат неговото значење. Повеќе од 50 години ,,миленичето,” КУД Гоце Делчев се градело од млади Делчевчани и затоа првата претседателка изрази гордост што е дел од оваа традиција, изразувајќи честитки и благодарност до актуелниот раководител Зенил Реџепов за тоа што продолжува да биде пазител на традицијата.
Надоврзувајќи се на историјатот за друштвото Д-р Соња Мавродиева – Георгиевска, актуелна претседателка на Културно-уметничкото друштво ,,Гоце Делчев” од Делчево, додаде дека низ годините плејада на членови и поддржувачи поминале долг процес и дале свој придонес на сите сцени, за продолжување на овдешната традиција и култура, оживувајки ги на тој начин овдепните корени и воспевајки ги делата на нашите предци.
-Фолклорот е јазик кој ги спојува народите преку песните, ората и традициите. 50 години културно уметничкото друштво „Гоце Делчев“ Делчево зборува со јазикот на фолклорот и традицијата која сите не исполнува и духовно не храни. Чест е да се биде член и поддржувач на КУД„Гоце Делчев”, чест е да бидам претсетадел на друштвото на овој голем љубилеј.
КУД „Гоце Делчев“ брои 202 члена и е ансамбл кој се претставува на високо креативно ниво и негува врвен професионализам во сферата на фолклорот. Многубројни се наградите и признанијата што ансамблот ги има добиено на домашни и интернационални фолклорни сцени како потврда за овие негови квалитети, рече Мавродиева Георгиевска на синоќешниот концерт во Делчево.
Културно „Гоце Делчев“ како што подвлече ја презентира народната култура од Македонија преку обичаите, ората, песните и оригиналните носии. Играорците според неа се вистински културни амбасадори кои македонската традиција ја претсавиле и ќе продолжат да ја претставуваат во Македонија и во многу други земји.
Ансамблот досега како што напомена Мавродиева Георгиевска има бројни настапи на сцените во Бугарија, Србија, Турција, Германија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Италија, Франција, Полска и многу други.
-Од своето 50 годишно постоење друштвото одржало над 1000 концерти во Македонија и светот. Настапите се изведени со елеганција, која е вметната во изворно обработениот фолклор. Има нагласена динамика и восхитувачки темперамент, како и мелоритмичка убавина. Секогаш настапите се збогатени со повеќе живописни носии и инвентивни кореографии изработени со посветеност и љубов од кореографот Зенил Реџепов Стручни. Сето ова придонесе да се закитат со многу признанија и први места, а на повеќе фестивали и да бидат прогласени за ЛАУРЕАТ. Сите награди имаат своја приказна, сите ни се подеднакво драги и сите не обврзуваат на следниот настап да бидеме уште подобри, додаде актуелната претседателка на друштвото.
Сегашниот управен одбор на КУД„Гоце Делчев“ Делчево најави дека ќе ја продолжи поддршката и несебично ќе се залага за уште поголеми успеси.
-Јас како претседател, заедно со заменик претседателот Билјана Георгиевска и членовите Гоце Стоименовски, Натка Тричкова и Ермина Реџепова, како и 15-те члена на собранието на КУД „Гоце Делчев” Делчево ќе продолжиме вредно да работиме и да го претставуваме Делчево со нашата богата традиција во најдобро светло. Во мое лично име и во името на сите членови нека ни е честит 50 годишниот јубилеј со мотото: „Традицијата продолжува со Културно уметничко друштво „Гоце Делчев“ Делчево, заврши претседателката Мавродиева Георгиевска.
Во својот завршен збор по завршувањето на концертот, уметничкиот раководител Зенил Реџепов кој долги години раководи со друштвото рече дека можноста да се сочуваме она што повеќе години го негува друштвото како културна мисија е поголема од можностите што во моментот ги имаат од материјална природа.
-Сепак големата доза на ентузијазам и самопрегор на сите членови кои настапија вечерва не тера да продолжиме под мотото „Традицијата продолжува“.
Публиката покажа со големите аплаузи дека сме лидери во тој поглед и дека достојни ја претставуваме општината и државата и во меѓународни рамки, рече Реџепов.
За 50 годишниот јубилеј КУД „Гоце Делчев“ Делчево се здоби со плакета од Општина Делчево, а претходни плакета за долгогодишна соработка доби и од Општина Јагодина, Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.