Под ведрото битолско небо на платото пред историскиот Офицерски дом, публиката имаше можност да присуствува на еден од најемотивните и незаборавни концерти оваа година. Никола Зацевски, еден од најталентираните млади музичари на македонската сцена, го одржа својот солистички концерт „Срцето моето тука чука“, кој ќе остане долго во срцата на сите присутни.

 

Сцената беше исполнета со емоции, топлина и искреност, што само еден вистински уметник како Никола може да ги донесе на едно место. Неговата изведба, ги допре присутните, кои останаа до последната изведба. Секоја песна беше приказна, секоја мелодија – порака, а секој аплауз – потврда за длабоката врска што Никола ја создаде со својата публика.

 

Концертот имаше и специјални гости: Андријана Јаневска, Елена Андоновска, Никола Мицевски, Мите Стоилков, Горан Начевски и Сашо Татарчевски, кои ненаметливо и елегантно го надополнија концертот. Под диригентската палка на маестро Татарчевски, музичката придружба му даде на концертот грандизоност и длабочина, правејќи го ова музичко доживување уште повозбудливо.

 

Никола Зацевски со овој концерт ја покажа неговата музичка зрелост и огромен талент. Концертот не беше само настап – беше убав крај на летната концертна сезона на концерти под отворено небо во Битола, кој ќе остане запаметен како симбол на искрена уметничка душа што го споделува својот свет со сите нас.

 

Општина Битола, Министерството за култура и сите поддржувачи на овој настан го направија овој концерт вистински културен момент за градот, кој ќе продолжи да живее во спомените на сите што беа таму. Со ова, Никола Зацевски ја зацврсти својата позиција како еден од водечките млади уметници на македонската музичка сцена, и ние му посакуваме уште многу успеси на неговиот пат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.