Вечерва, на 15 ноември (петок), со почеток во 21 часот, во големата сала во „Лабораториум”, ќе се одржи концертна промоција на деби албумот на „Карла Левински”.
„Во бескрајниот loop од лаги и манипулации, светот го живее сопствениот крај како нерешлива репетиција, без конечен крај. Во меѓупросторот на замрзната историја, крајот не може да се оствари, времето не мрда напред, само осцилира низ стратегиите на строго контролирани кризи и хибридни војни, на работ. Профитот е стабилен.
Заглавени во таа машина од апсурд, немаме друг избор освен да бидеме луѓе, храбро човештво. Да се биде тоа денес е да се свири и пее, гласно и искрено – во лице на целото срање и лицемерие наоколу, меѓу другото. Историјата на контракултурата е историја на современ отпор, слобода на разоткривање и демистификација, брцање во манџата на моќта и нејзината контрола на масите преку старите добри – леб и игри.
Ние сме „Карла Левински”, мал анархистички ансамбл од Скопје, другари и музичари кои изеле доволно од прашината на животот да не прават компромиси денес. Особено не денес. Музиката ја доживуваме како душевна храна, исто колку и одговорност пред себе и саканите да му ја кажуваме вистината на светот преку неа, гласно, рековме. Нашиот деби албум Карла Левински LP излезе во јуни, и како што ветивме, еве го моментот за директна средба со сите што го слушате и му верувате”, велат од бендот во најавата за музичкиот настан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.