Евровизија и што би се случило ако изборот се одржи кај нас – е тема на годинашната манифестација „Глумците пеат“ на која познати хитови, домашни и странски, ќе изведат актери од сите театри во земјава.

Изборот на темата е доволно да биде смешно и забавно, сметаат организаторите на шоуто кое ќе се одржи во две вечери, на 29 и 30 март, во Националната опера и балет.

Настанот се одржува втора година откако лани беше возобновен по пауза од 15-ина години. Режисер и годинава е Дејан Пројковски, кореограф Олга Панго, дигирент Љупчо Мирковски, a Бобан Мирковски e автор на аранжманите наменски напишани за сите песни кои ќе бидат изведени. На сцена ќе бидат 40 актери и 22 члена во оркестарот, во целата продукција се вклучени околу сто луѓе.

Настанот е еден вид приказна со смислена тема која се провлекува низ целото пеење.

Во однос на темата, годинава ќе се обидеме да се шегуваме со сите наши несовршености, во шегобијно светло ќе прикажеме што би било кога Евровизија би се организирала во Македонија, а ќе има и гласање, вели Бабиќ.

Според режисерот Пројковски, „Глумците пеат“ е „фабрика за производство на забава“. Манифестацијата, рече тој, не се занимава со ретроспектива, со историјатот на Евровизија, и целта не била да се изберат најдобрите песни од тој натпревар.

Она што е интересно кај „Глумците пеат“ е дека има еден натпревар кој ќе биде покреативен, бидејќи само добрата изведба на песната тука не значи ништо. Ние сме фабрика за производство на забава и тоа ни е основната тема. Ние си ги одбираме песните преку коишто можеме да ја создадеме забавата. Така што, нашиот избор на песни не е наш однос кон песните дали се добри или лоши, рече Пројковски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.