Здружението за промоција на документаристика, по успешната реализација на јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и Патувачкото кино, своите активности ги продолжува со серија проекции распоредени во четири блокови во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“.
Првиот блок проекции ќе се одржи на 11 и 12 ноември, со почеток во 20 часот, во Кафе и кино „Котур“. На програмата се документарните филмови „Акаса, нашиот дом“ (Романија, Германија, Финска / 2019 / 86’) на режисерот Раду Чорничук и „Нема да исчезнеме“ (Украина, Франција, Полска / 2023 / 100’) на Алиса Коваленко.
Филмот „Акаса, нашиот дом“ носи трогателна и внимателно осмислена приказна за гентрификацијата, видена низ очите на семејство кое се обидува да се приспособи на нов наметнат живот. Цели дваесет години семејството Енаш – 9 деца со нивните родители – живеат во барака во букурешката делта: напуштен резервоар на вода, еден од најголемите урбани природни басени во светот, со езера и стотици видови животни и ретки растенија. Кога властите ќе решат да го земат овој екосистем под свое, семејството Енаш мора да се пресели во градот – реалност за која не знаат ама баш ништо. Деновите минати во природа сега ќе ги заменат денови на асфалт, пливањето во езерото ќе се замени со седење в клупа, а в раце наместо рибарски мрежи децата ќе држат мобилни телефони.
Трејлер: https://youtu.be/shm1iNvrJlQ?si=w6of5h1U7GY5bxCX
Документарниот филм „Нема да исчезнеме“ следи група тинејџери од Донбас, кои се на прагот на зрелоста и имаат сон да го освојат светот. Иако оддалеку татнат пукотници и експлозии, тие не губат надеж и, сепак, решаваат да го следат својот сон да патуваат, кој на крај се претвора во реалност.
Трејлер: https://youtu.be/90P-_ySEefA?si=FJlYNLd-xUdhtYS3
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.