Снимањето на дебитантскиот краткометражен филмот „Мајка“, во режија на Ѓорѓи Лазов, е успешно завршено. Последната клапа падна вчера во општина Кисела Вода, завршувајќи го четиридневниот интензивен процес на снимање кој се одвиваше на неколку локации во Скопје.
„Мајка“ е интимна семејна драма која ја раскажува приказната за комплексниот однос помеѓу мајка и ќерка. Наративот добива неочекуван пресврт за време на Божиќните празници, кога мајката објавува оглас во весник барајќи маж со цел повторно да се омажи. Преку емотивна и комична перспектива, филмот истражува теми како што се осаменоста, љубовта, почитта и разбирањето во едно семејство.
Во главните улоги се истакнатите актери Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а актерската екипа дополнително ја збогатуваат Слободанка Чичевска, Ивица Димитријевиќ, како и дебитантката Јована Синадиноски, која за првпат се појавува на филмската камера.
Продуцент на филмот е Александар Арсовски, директор на фотографија е Никола Марковски, додека мајстор на светло е Сашко Стојановски Меанџи. За костимите се погрижи Жаклина Крстевска, сценограф на филмот е Дејан Ѓошевски а шминката и фризурата беа во рацете на Стефанија Илиевски, монтажер на филмот ќе биде Димитар Спирковски, а снимател на звук и микс Горазд Радевски.

Снимањето на ‘Мајка’ беше неверојатно искуство, благодарение на посветената екипа и талентираните актери. Иако беше предизвикувачки да се заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја посакувавме. Очекувам дека оваа приказна ќе допре до срцата на публиката и ќе предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство, вели режисерот Ѓорѓи Лазов.

Филмот е реализиран со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија, како и со сопствени инвестиции на продуцентот и продукциската куќа Скорпион Филмс но и партерски фирми пријатели од Р.Хрватска, Волфганг и Доли и Мираж продукција..
Филмот „Мајка“ е предвиден за премиера во текот на 2025 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.