Во Берлин утре почнува 72. Меѓународен филмски фестивал (Берлинале). За главните награди ќе се борат 18 филмови.
Фестивалот ќе трае до 16 февруари, а ќе биде отворен со филмот „Питер фон Кант“ на режисерот Франсоа Озон, со Изабел Аџани во главната улога. Покрај него, во трката за награди се и филмовите „Со љубов и одлучност“ (Avec amour et acharnement) на Французинката Клер Дени, со Жилиет Бинош во главната улога и „Сѐ ќе биде во ред“ на француско-камбоџанскиот режисер Рити Пан.
Жирито на третиот најголем европски филмски фестивал по Кан и Венеција, ќе го предводи американскиот режисер М. Најт Шајамалан. Фестивалот годинава ќе се одржува главно со физичко присуство на гостите (минатогодишното издание беше „онлајн“ поради пандемијата на коронавирусот).
Француската глумица Изабел Ипер ќе ја добие почесната „Златна мечка“ за животно дело.
„Златната мечка“ лани ја освои филмот „Трнлив хаос и евтино порно“ (Babardeala cu bucluc sau porno balamuc) на романскиот режисер Раду Жуде.
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал е основан 1951 година, а од 1978. редовно се организира секоја година во февруари. Фестивалот доделува „Златна мечка“ за најдобар филм, „Гран-при“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глуумец, глумица, сценарио и филмска музика. Од 1992 година, фестивалот ја доделува и наградата „Теди“ за филм кој се занимава со ЛГБТ-популацијата.
Во 2020 година, организаторите ја укинаа наградата „Алфред Бауер“ за режисери кои отвараат нови гледишта во кинематографијата, именувана по поранешниот директор на фестивалот, откако се откри дека тој бил поврзан со нацизмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.