Преку можноста внуците да ги поведат своите баба и дедо на кино или пак ние да појдеме со нашите родители и повозрасни роднини, сакаме да покажеме дека сме тука за оние кои нè пораснаа, дека ни значат, дека сакаме да ги слушнеме и гушнеме.

В недела во 12 часот во Кинотеката во Скопје ќе биде прикажан култниот македонски филм „Мирно лето“ како дел од акцијата „На кино со баба и дедо“.

Акцијата „На кино со баба и дедо“ се реализира во соработка со Кинотеката, а изборот на филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“ за самиот почеток не е случаен. Тоа е антологиски, култен наслов, полн хумор, топлина, потсетување на семејните вредности и буди носталгија.

Ваквите проекти се секогаш добри, да се потсетиме дека луѓето понекогаш можат да бидат „подзаборавени“ и од самата фамилија, не само од општеството, вели филмологот Бојан Станишиќ од Кинотека.

Проекцијата в недела е бесплатна, а следното прикажување е на 14 декември во Киното „Манаки“ во Битола, по што акцијата „На кино со баба и дедо“ ќе продолжи во уште неколку градови.

Во кампањата која започна во октомври, а е планирано да трае до мај следната година, вклучени се училишта, градинки, домови за стари лица и пензионерски здруженија. Суштината на сите настани е меѓугенарациското поврзување, возрасните им пишуваат пораки на децата и помладите, учениците цртаат и пишуваат творби за бабите и дедовците, сите заедно ги бараат скапоцените мигови да бидат заедно, што во денешно време е сè поретко. Околу новогодишните празници, планирани се и игранки и забави во повеќе домови за стари лица и пензионерски здруженија, со цел и на оваа популација да им се овозможи забавен, социјален и културен живот. Следуваат и предавања на пензионирани експерти од различни области, креативни работилници за градинарство, готвење, рачни изработки, издавање специјализирано списание и слично.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.