Во четврток на 28 декември, во 20 часот, Кинотеката на Република Македонија ќе ја одржи последната официјална филмска проекција за годинава. Љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годинава што изминува. Имено, една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е токму прибирањето на филмови и придружни филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Така, Кинотеката годинава оствари соработка со реномираниот Филмски музеј „Ај“ (EYE Filmmuseum) од Амстердам, Холандија, Кинотеката на регионот Савоја (Cinémathèque des Pays de Savoie et de l’Ain) од Франција, Компанијата „Филмске новости“ (Filmske novosti) од Белград, Србија, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица.
Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.
Првиот, деветминутен нем филм под наслов БАЛКАНСКА ВОЈНА е прибран од Филмскиот музеј „Ај“ од Амстердам, а е во продукција на француската компанија „Пате“ и го покрива период од Балканските војни од 1912 г. сѐ периодот непосредно по завршувањето на Првата светска војна. Во него се прикажани снимки што одлично ја илустрираат атмосферата на војната: ранети црногорски војници, транспорт на гранати, битката кај Куманово, албански затвореници, полска болница во која воени и цивилни лекари се грижат за ранетите војници, логор на бугарската војска во Луле Бургас, денес во северозападна Турција, повлекувањето на турската армија кон Истанбул, транспортот на воените инвалиди со воз во Истанбул, градот Измир, првиот претседател на Турција, Кемал Ататурк, снимен на 17 јануари 1923 г.
Вториот, осумнаесетминутен црно-бел филм под наслов ОД ЛИСТЕРВЕЛД ДО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО – УВИД ВО НАРОДНИОТ ЖИВОТ ВО ЈУЖНА СРБИЈА е повторно прибран од холандскиот „Ај“-музеј. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во него е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија во тој период: земјоделци, говедарство, лачење на волна, ткаење на разбој, Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци, и селаните, градот Скопје, турски гробишта, исламски сакрални објекти, Старата чаршија и занаетите, опинчари, кујунџии, валавичари, ромско семејство, ромски танци, етнички богатиот шаренолик живот во Скопје, мостови во Кратово, обработка на земја, народни носии, садење тутун, манастирот Дечани на Косово, неговиот екстериер и ентериер со детали од фрескописот, манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, манастирот Св. Наум Охридски на Охридското Езеро, снимки од езерото на населбата Варош во Охрид, панорама на градот, тесните калдрмисани улички во охридската чаршија, специфичната градска охридска архитектура, панорамски кадри од езерото, старите рибарски чунови, жетва на жито, ниви со афион, засекување на плодовите од афионските ќушки, девојки облечени во народни носии придружени со музиката на песната „Билјана платно белеше“, турски гробишта, градот Призрен во Косово, етничкото шаренило на градот, народни носии на христијаните и муслиманите, пазар на свила, занаетчии – терзии, штавење кожа, етнички Албанци, дервишко теќе, дервиши руфаи што го изведуваат својот ритуал и го бодат телото со игли итн.
Третиот филм е петнаесетминутен црно-бел филм во холандска продукција, повторно преземен од холандскиот „Ај“-музеј, снимен исто така меѓу двете светски војни, со титли на англиски јазик и наслов ПУЛСОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА. Во него се прикажани снимки од Нови Сад и Белград, но во Кинотеката ќе биде прикажан само делот што се однесува на Македонија и кој е одвоен со напис кој гласи: „Во срцето на Балканот, каде што многу империи се бореле и ги оставиле своите славни траги“. Овде се прикажани „старото империјално Скопје“, како што гласи написот, Калето со касарната, зградата на театарот, Камениот Мост, Мустафа-пашината џамија, Старата чаршија, етничко шаренило од народни носии, турски гробишта, црквата Св. Спас, фреските и резбата во ентериерот, манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, панорами и чаршии на повеќе градови, мостови во Кратово, девојчиња облечени во традиционални македонски народни носии, манастирот Св. Јоаким Осоговски крај Крива Паланка и археолошки ископини одделени со натпис: „Римски остатоци во Стоби“.
Четвртиот четириесетминутен филм, КРАЛСТОВОТО ЈУГОСЛАВИЈА, е во колор, без тон, и е преземен од Кинотеката на регионот Савоја од Франција. Филмот има три дела, обележани со три различни поднаслови (ОД ТРСТ ДО ЗАГРЕБ, КОМЕМОРАЦИЈА НА БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ и ОД СКОПЈЕ ДО ТЕТОВО), и е снимен во француска продукција, во октомври и ноември 1937 г., кога висока делегација на француската војска ја посетува сојузничка Југославија, по повод чествувањето на 25-годишнината од ослободувањето на Јужна Србија т.е. Македонија. Во него се прикажани снимки од италијанска територија, патот од Трст кон Загреб, влегувањето во Југославија, Бледското Езеро, Загреб, Белград и неколку провинциски градови во Србија, но она што Кинотеката ќе го прикаже е посетата на француската делегација на Македонија, прво Скопје, каде што се забележуваат офицери во српски униформи, етничко шаренило претставено преку разните народни носии – македонски, албански, турски, ромски, Старата чаршија, Куршумли ан, центарот на Скопје, Камениот мост, по што следува посета на Велес и прикажување на панорамата и жителите на градот, француската делегација како патува со автобус низ Македонија за да стигне во Прилеп, каде што воодушевено е пречекана од мноштво деца, прилепската чаршија, посетата на Битола, при што е прикажана панорама на градот и француските гробишта, Охрид, чаршијата и езерото, охридските јагули, Струга и Црн Дрим, патување по течението на Црни Дрим, каде што денеска се наоѓаат вештачките езера Глобочица и Дебарско Езеро, манастирот Св. Јован Бигорски, Маврови Анови, традиционални носии, ромски музичари, свирачи на зурли и тапани, Гостивар, Шарената џамија во Тетово, Куманово и локалитетот Зебрњак, каде што официјални лица на српската држава и француските гости, во придружба на свештеници, се поклонуваат пред споменикот на загинатите српски војници. Репортажата завршува со централната прослава на скопскиот градски плоштад, по повод 25-годишнината од ослободувањето на „Јужна Србија“, која се случила на 31 октомври 1937 година.
По овој филм следуваат 32 куси, црно-бели едноминутни репортажи на „Филмски новости“ од Белград, снимени во периодот меѓу 1948-1953 година, некои од нив се без тон, а неколку имаат нарација на српски јазик, кои одлично ја отсликуваат атмосферата на животот во повоена Народна Република Македонија. Така, ќе бидат прикажани репортажи за децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, снимени во 1948 г., првиот филмски снимател Милтон Манаки снимен во 1950 г., прослава на Илинден во 1951 г. во Крушево, борба на пеливани, печалбарското село Јанче во западна Македонија, прослава на ЈНА во Скопје, свадбарски обичаи во Галичник, одморалиштето Отешево на Преспанско Езеро, слет на планинари, отворање нова конзумна млекара во Скопје, две изложби на ликовни уметници, берба на памук, Мавровското Езеро и изградбата на хидроцентралатата „Маврово“, емигранти од Албанија, настап на македонски ансамбл во Трст, изработка на охридски бисер, прослава на Илинденското востание и др.
Во последниот сегмент од проекцијата ќе бидат прикажани стотина филмски афиши претежно од советски филмови, но и од американски и југословенски филмови од педесеттите години на минатиот век, преземени од д-р Бранислав Светозаревиќ, испишани на македонски јазик, кои одлично ќе ја отсликаат кино-атмосферата во Македонија во тој период. Меѓу филмските наслови се среќаваат: „Александар Невски“, „Багдадскиот крадец“, „Барба Жване“, „Белиот песјак“, „Војникот Александар Матрозов“, „Глинка“, „Големиот диктатор“, „Госпoѓа Бовари“, „ Ќе живее овој народ“, „Коњче-Грбанче“, „Легенда за сибирската земја“, „Насредин во Бухара“, „Ние од Кронштат“, „Острово на закопаното благо“, „Плави 9“, „Стењка Разин“ и многу други.
д-р Атанас Чупоски
филмолог советник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.