Вечерва во Кинотека во рамките на четвртото издание на Фестивалот на нем и класичен филм, ќе бидат прикажани три филмски остварувања од познатиот германски режисер Харун Фароки. Станува збор за играниот филм „Раскажување“, и документарните филмови „Жан-Мари Штрауб и Даниеле Хује работат на филм заснован на фрагментот од романот на Франц Кафка „Америка“ и „Изразот на рацете“.
Харун Фароки (Harun Farocki) (1944–2014) e германски режисер, визуелен уметник и професор по филмска режија на повеќе реномирани филмски академии меѓу кои и DFFB во Берлин, каде имаше значајно филмско и интелектуално влијание врз развојот на т.н. Берлинска филмска школа. Автор е на повеќе од 120 кратки и долгометражни филмови. Тоа се главно документарни и есеистички филмови кои ја анализират општествената стварност. Неговите дела се прикажувани на многу изложби во галерии и музеи ширум светот. Македонската публика ќе има ретка можност да види избор од филмографијата на овој сестран филмски автор.
РАСКАЖУВАЊЕ
(Erzählen)
Игран филм, Германија
1975, 60 мин., колор, ДЦП
Режисер: Харун Фароки, Ингемо Енгсторм (Harun Farocki, Ingemo Engström)
Сценарио: Харун Фароки, Ингемо Енгсторм (Harun Farocki, Ingemo Engström)
Улоги: Авињо Барбеитов, Харун Фароки, Ингемо Енгсторм (Avinho Barbeitov, Ingemo Engström, Harun Farocki)
РАСКАЖУВАЊЕ (Erzählen) е соработка на Харун Фароки со германската режисерка со финско потекло, Ингемо Енгстром. Во овој филм се истражува што е приказна и раскажување: двајца автори се среќаваат за да разговараат за нивната работа. Фокусот е на интердисциплинарноста и наративната форма што ја избираат за нивните следни истражувачки проекти. Тој (Фароки) сака да создаде приказна за општеството и производството во периодот непосредно пред и за време на националсоцијализмот. Таа (Енгстром) ја истражува руската писателка и револуционерка Лариса Рајснер. На овој начин механизмите на нарација се испитуваат на саморефлексивен начин.
Овој филм од 1975 година е повеќе од едноставен наративен експеримент; тој е длабока медитација за природата на зборот, начинот на кој се градат приказните, и улогата на раскажувачот. Филмот ги испитува тензиите меѓу зборот и сликата, и како овие два елементи се комбинираат за да создадат значење. Ова дело може да биде предизвикувачко за гледачите поради неговиот нестандарден пристап кон нарацијата, но оние кои се заинтересирани за длабоките структури на раскажувањето ќе најдат многу што да размислуваат.
ЖАН МАРИ ШТРАУБ И ДАНИЕЛ ХУЈЕ РАБОТАТ НА ФИЛМ ЗАСНОВАН НА ФРАГМЕНТОТ ОД РОМАНОТ НА ФРАНЦ КАФКА „АМЕРИКА“
(Jean-Marie Straub und Danièle Huillet bei der Arbeit an einem Film nach Franz Kafkas Romanfragment “Amerika)
Документарен филм, Германија
1983, 26 мин., колор, ДЦП
Режисер: Харун Фароки (Harun Farocki)
Сценарио: Харун Фароки (Harun Farocki)
Овој филм во исто време е автопортрет на Харун Фароки и омаж на познатиот француско- германски режисер Жан Мари Штрауб-негов поранешен професор на Филмската академија во Берлин и еден од главните влијанија на Фароки. Филмот го прикажува Фароки, како се подготвува за неговата улога на Деламарш во филмот на Штрауб „КЛАСНИ ОДНОСИ“ (Klassenverhältnisse (1983) базиран по романот недовршениот роман на Кафка „АМЕРИКА“.
Овој филм ја обработува темата на повторувањето, која игра важна улога во актерството, особено за време на пробите. Режисерската техника на Жан-Мари Штрауб и неговата сопруга Даниеле Хује е базирана на многу повторувања и проби, со фокус на деталите, при што изведувачите се принудени да ги вежбаат сцените до степен на исцрпеност.
Филмот не е само приказ на техничкиот процес на снимање, туку и анализа на начинот на кој режисерите ја прифаќаат и ја адаптираат литературата за филмско платно. Гледачите ќе бидат сведоци на длабоките дискусии и контемплациите на режисерите околу материјалот на Кафка, како и на нивниот минималистички и дисциплиниран стил на работа. Ова дело претставува важен документ за секој што е заинтересиран за филмската уметност и процесот на адаптација на литературни дела.
ИЗРАЗОТ НА РАЦЕТЕ
(AUSDRUCK DER HÄNDE/ The expression of the hands)
Документарен филм, Германија
1997, 30 мин., колор, ДЦП
Режисер: Харун Фароки (Harun Farocki)
Сценарио: Харун Фароки, Јорг Бекер (Harun Farocki, Harun Farocki, Jörg Becker).
Во овој краток филм Фароки, користејќи филмски инсерти, го истражува визуелниот јазик на рацете во филмот, симболиката, фројдовските лапсуси, автоматизмите. Крупните планови во филмот најчесто се користат за пренесување емоции преку изразите на лицето. Фароки, пак, сака да покаже дека рацете можат да бидат прозорец кон душата на човекот и честопати прикажуваат емоција која лицето се обидува да ја сокрие.
Како што насловот сугерира, филмот се фокусира токму на рацете и нивната способност да пренесуваат емоции, мисли и намери. Рацете се прикажани како основен медиум за невербална комуникација, а филмот ги истражува нивните движења и гестови низ разни ситуации. Ова дело е исклучително визуелно и сензуално, и на гледачите им нуди можност да размислат за рацете не само како дел од телото, туку како средство за длабока и комплексна комуникација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.