Трејлерот за новиот филм на „Дизни“ – „Малата сирена“, беше објавен овие денови. Главната улога на принцезата на океанот – Ариел, ја толкува Хали Бејли, а трејлерот собра повеќе од 12 милиони прегледи и голем број позитивни коментари на исчекување.

Пред Хали, имаше само една Афроамериканка принцеза на Дизни – Тијана, од анимираниот филм „Принцезата и жабата“ од 2009 година.

Кога 22-годишничката доби улога во новиот филм на „Дизни“, што е преработка на цртаниот од 1989 година, многу Афроамериканки и Афроамериканци се пресреќни поради тоа, наведуваат американските медиуми, па интернет-просторот е полн со радосни реакции на деца при првото гледање на трејлерот на претстојниот игран филм.

Кога твојата омилена принцеза на Дизни личи на тебе – гласи описот на една видеоснимка со мало девојче.

И самата Бејли сподели видео со натпис: „Со липање го гледав ова“.

Во филмот глумат и Џона Хауер-Кинг како принц Ерик, Хавиер Бардем како морскиот крал Тритон, Давид Дигс како ракот Себастијан и Мелииса МекКарти како вештерката Урсула. Прикажувањето е закажано за 26 мај 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.