Со доделување на Големите повелби на Леотар заврши годинешното издание на Фестивалот на медитерански и европски филм во Требиње, БиХ.
Големата повелба на Леотар му беше доделена на македонскиот актер Тони Наумовски за неговата минималистичка и емотивно моќна интерпретација на сложениот лик на Владимир во филмот „Лена и Владимир“, филм во режија на Игор Алексов. Награден беше и кинематограферот Душан Кардалевски за визуелно и колоритно раскошната фотографија во истиот филм.
Останатите награди отидоа кај: Сенад Башиќ за неговиот педантно прикажан лик на гастарбајтер од Балканот на чиј грб се кршат предизвиците на модерната Европа во филмот „Босански лонец“, Александра Лазаровска за концизната и ефективно прикажана филмска приказна во просторно збиената форма на краткиот игран филм „Стелар“, Андреј Шепетковски, режисер, сценарист и продуцент на филмот „СЕРВИС“ за НАЈДОБРО ЕВРОПСКО ДОСТИГНУВАЊЕ, филмско остварување во целина. За добро компонирана филмска приказна чија структура ги комбинира најдобрите авторски искуства на источната и западната евро-медитеранска култура, филмот „Чувари на формулата“ во режија на Драган Бјелогрлиќ ја доби наградата ГРАН ПРИ ЛЕОТАР како најдобар филм во целост.Филмот е копродукција меѓу Кобра Филм и Тон Филм од Србија, Скопје Филм Студио од Македонија, Перфо Продукција од Словенија и Битер Фрејмс од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж.
Годинешното издание на фестивалот се одржуваше под мотото „Исунчани со филм“. Требиње е град со долга филмска традиција, која датира од периодот пред Втората светска војна, а потоа и од периодот на педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, кога во околината на Требиње биле изградени два филмски града.На овогодинешниот фестивал беа прикажани 30 филмови од 15 земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.