На 30. Сараевскиот филмски фестивал вечер во амфитеатарот Open Air ќе се одржи премиера на македонскиот долгометражен филм „Убиј ги прво децата“, по сценарио и во режија на Димитар Оровчанец.
Филмот, кој ќе се прикажува во официјалната програма, е комична приказна за тинејџерка-балерина, нејзиното лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.
„Убиј ги прво децата“ е дебитантски игран филм на Димитар Оровчанец, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев.
Главните улоги ги толкуваат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Во другите улоги играат Александар Ѓорѓиевски, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Адријан Азири, Марина Поп Панкова, Лео Поповиќ, Атанас Тановски, Марија Јанчевска, Ненад Нацев, Александар Микиќ и други.
Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Илина Чолак, монтажер е Софија Самоиловска Јовановиќ, а композитори на музиката се Дарко Спасовски и Игор Василев-Новоградска.
Филмскиот фестивал во Сараево е од „А“ класа и е еден од најголемите и највлијателни фестивали во поширокиот регион. Ова е неговото 30-то издание. Годинешните лауреати на фестивалот се актерката Мег Рајан, оскаровецот, режисер, сценарист и продуцент Александар Пејн и актерот Џон Туртуро.
Програмата Open Air, а воедно и фестивалот ќе го отвори последниот филм на оскаровецот Данис Тановиќ – „По летото“. Покрај филмовите на Тановиќ и Оровчанец, ќе бидат прикажани и последните остварувања на Квентин Дупие, Емануел Коркол, Рајко Грлиќ и други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.