Холивудскиот актер Брус Вилис во март годинава ја извести јавноста дека боледува од афазија, а извор близок до семејството открива дека сега состојбата му се влошува.
– Тие знаат дека Брус нема да биде тука засекогаш. Затоа го ценат секој момент – изјавил изворот за странските медиуми.
Поради тоа што неговата состојба со текот на времето само се влошува, неговото семејство го користи секој момент да го помине со него.
Ема Хеминг и Деми Мур, сегашната и поранешната сопруга на Вилис, уште повеќе се зближиле и заедно му помагаат на актерот во олеснување на животот со болеста, а Деми се труди да биде во постојан контакт со него.
„Таа ја користи секоја прилика да помине време со него. Ако не е со него, му се јавува на телефон само за да го чуе“, додал изворот.
Многучленото семејство, како и секоја година, ги поминува празниците во Ајдахо, а на социјалните мрежи се појави и фотографија на која Мур и Вилис позираат заедно со својата 28-годишна ќерка Талула.
Изворот вели дека времето поминато заедно и традицијата отсекогаш биле посебни за ова семејство и дека нивните пријателства сега станале уште поубави, но со доза на тага.
„Брус не може многу да зборува и се чини дека не разбира многу од она што другите го кажуваат. Ема стана негов глас и некој кој комуницира наместо него. Има денови кога забележуваат делови од стариот Брус, но тоа се кратки моменти. Брус како сè повеќе да се оддалечува и тоа им го крши срцето. Не можат да го замислат Божиќ без него“, вели изворот и додава:
„На неговите постари ќерки им недостасува нивниот татко каков што беше, оној кој ги задеваше поради нивните момчиња и им даваше совети. Со празниците кои доаѓаат, сè што можат да направат е да му кажат дека го сакаат и дека се молат за чудо“.
Да потсетиме, Брус се ожени со Ема во 2009 година, а заедно ги имаат ќерките Мејбл и Евелин. Со Деми Мур беше во брак од 1987 до 2000 година и заедно ги имаат ќерките Румер, Талула и Скаут.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.