На вториот ден од фестивалот „Скопје синема сити“ ќе се прикажат филмовите „Ајде да се изгубиме“ за џез-трубачот Чет Бејкер и „Џо Страмер: „Иднината е ненапишана“.
Земја во фокус на фестивалот е Полска, каде што ќе бидат прикажани два филма на Грегор Брзозович, кој ќе биде и гостин на фестивалот.
„Скопје синема сити“ ќе му додели награда за животно дело на големиот филмскиот композитор Збигњев Прајснер.
Во периодот помеѓу 1985 и 1996 година, почнувајќи од филмот „Ноу енд“, Прајснер бил еден од најблиските соработници на Кишловски и заедно работеле на 17 филма. Меѓу познатите филмови што изнедриле исто толку позната музика се мини-серијалот „Декалог“, филмовите „Краток филм за убивањето“, „Краток филм за љубовта“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои“. Нивната соработка не била насочена само кон светот на филмовите туку и кон концерти.
„Реквием за мојот пријател“, кој е посветен на Кишловски, првично бил замислен како концертно дело со поинаква природа, кое требало да се изведува на подиуми во европските метрополи. Всушност, Кишловски и требало да го режира. Но со неговата прерана смрт во 1996 година, природата на ова дело се менува. Поделено на два дела, насловени како „Реквием“ и „Живот“, ова е најемотивното дело во опусот на Прајснер.
Прајснер е автор на музика за десетици филмови, а неговата карактеристична лиричност и емотивност довеле и до многубројни соработки, како со Дејвид Гилмор од „Пинк флојд“ и со Лиса Жерар.
Последната вечер на „Скопје синема исти“ е посветена на македонските филмови и ќе бидат прикажани филмовите „Лука“ на Ице Виранов и „Тале Огненовски“ на Благојче Трајковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.