Познатиот американски глумец Шон Пен, во интервју за „Њујорк тајмс“, изјави дека филмот „Милк“ од 2008 година бил „последниот пат кога добро се забавувал“ на снимање филм.

Минав 15 мизерни години на снимањата! Се чувствував како глумецот кој има водечка улога, и е познат актер, и е добро платен, и има водечко место во филмот… И мора да се појавиш со енергија и да бидеш телохранител на режисерот на некој начин… „Ги лажирав“ сите тие работи и тоа беше исцрпувачки. Најчесто мислев само на она – „Колку е часот? Кога ќе се симнеме од сценава?“… Бев сигурен дека ова е крај, но не знаев како ќе го одржам сѐ тоа – мојата куќа да продолжи да работи, слободно да патувам и слични работи, ако престанам, рече тој.

Сепак, по бројни несакани улоги, неговата пријателка и колешка Дакота Џонсон, пред година – две, му го испратила сценариото за нивниот нов заеднички филм – „Дадио“. Во филмот глумат само тие двајца, а приказната е за млада жена која се качува во такси за кон аеродром и води разговор што ќе ѝ го промени животот, со „таксистот-мудрец“ од Њујорк.

Чувствував дека ова може да биде пријатно искуство и оти тоа ќе ми биде важно сега, можеби повеќе отколку во минатото, вели Пен, додавајќи дека сѐ тоа било точно.

Инаку, иако заработи признанија од критиката и неговиот втор „Оскар“ по улогата на јавно декларираниот геј-политичар Харви Милк, Шон Пен вели дека денес не може да глуми во таков филм бидејќи според денешните критериуми, стрејт-глумците кои толкуваат ЛГБТК ликови редовно предизвикуваат контроверзии и премногу жестоки дебати во Холивуд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.