Швајцарската драма „Семи, Џо и јас“ во режија на Карин Хеберлајн, во која едната од главните улоги ја толкува 19-годишната актерка од Швајцарија со македонско потекло, Јана Секуловска, од денеска е достапна онлајн на платформата cinesquare.net. Филмот, истовремено, продолжува да се прикажува на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 19 часот, а од утре се прикажува и во Центарот за култура во Битола од 20:30 часот малата сала.
За Секуловска ова е прв долгометражен игран филм. Во последните две години таа гради актерска кариера во Швајцарија каде се појавува во кратки филмови и реклами. Секуловска минатата година беше специјална гостинка на фестивалот „Џифони Македонија“ каде се сретна со публиката и одговараше на прашања поврзани со филмот. Таа ја игра Лејла, која заедно со Семи и Џо се неразделна група девојки. Тие се подготвени за возбудливо лето после матурирањето. Но, она што следува е сосема непредвидливо и многу посериозно од нивните предвидувања. Силен филм за искушенијата, растењето и пријателството кое е поважно од се друго.
Режисерката Карин Хеберлајн освоила неколку меѓународни награди за „Семи, Џо и јас“, меѓу кои Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија.
По дипломирањето, тројца неразделни пријатели гледаат како нивните соништа за безгрижно лето полека се заменуваат со сè повозрасни обврски.
Дистрибутер на филмот е „КТ филм и медиа“ од Битола со поддршка од Националната швајцарска агенција за промоција на филмови продуцирани во Швајцарија „Свис филмс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.