Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, Сузи Кју продукција и Аворд филм и видео, е избран во официјалната селекција на Биг Епл Филм Фестивал, познат како BAFF во Њујорк, и ќе има проекција на 22 мај.

BAFF или т.н филмски фестивал „Големото јаболко” е еден од најдобрите 25 филмски фестивали според списанието „MovieMaking“, за промовирање на најквалитетните филмови од независната филмска заедница и продукција во Њујорк, како и дополнителни специјално избрани филмови од целиот свет.

Филмот ќе се прикажува во киното Cinema Village, кое е едно од најстарите кина во Гринич Вилиџ на Менхетен, кое датира од 1963 година и е едно од најпрестижните функционални уметнички и независни кина кои функционираат во Њујорк.

Режисерката и продуцент Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учестува во панел дискусијата за филмот пред њујоршката публика после проекцијата во делот предвиден за „Прашања и одговори”.

Документарниот филм ,,Љубовната соба” на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма наинтимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.

Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), извршен продуцент е Владимир Стојчевски. Филмот е во ко-продукција со Аворд филм и видео, директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, а тонски дизајнер е Игор Поповски.

„Љубовната соба”, минатата година во март 2022 ја доби наградата на ,,Агора Докс“ на фестивалот за документарен филм во Солун, Грција и имаше две меѓународни премиери во текот на месец март 2023: на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона (каде филмот имаше три проекции) во категорија на светски долгометражни филмови и на Загребдокс (со две проекции) во регионална конкуренција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.