Македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова вчера ја имаше својата премиера во киното „Фросина“.

Премиерата беше исполнета до последното седиште, а по завршувањето на проекцијата екипата заслужна за продукцијата на филмот беше дочекана со овации.

Посетителите имаа прилика да ги видат оригиналните фотографии кои се користат во филмот и се изработени со аналогни фототехники и со користење на „ Ефектот Сабатиер“, односно „соларизираниот“, т.е. „преекспонираниот“ ефект по кој филмот го добива своето име.

На коктелот посетителите имаа прилика лично да им честитаат на режисерот, продуцентот, актерската екипа и останатите филмски работници, како и да уживаат во живата изведба на авторските нумери од филмот од авторот Лео Поповиќ а.к.а. Долорес.

Филмот од денес е на редовен репертоар во Синеплекс и Милениум во Скопје, Киноверзум во Велес и Свети Николе. На 29.04. филмот ќе ја има и својата премиера во НУЦК „Бели мугри“, Кочани. а наскоро ќе се најде и низ другите кина низ земјата.

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година.

Во Европа „Преекспонирано“, изминатата недела се прикажа на новиот филмски фестивал Еуразја во Варшава, Полска, а ќе се натпреварува и на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Сицилија.

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов Кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинова, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија Елеонора Венинова, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.