Под отвореното небо на летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката на Македонија, официјално започна 14. Филозофски филмски фестивал. Многубројната публика внимателно ја проследи македонската премиера на филмот „Затвори ги очите“ [Cerrar los ojos / Close Your Eyes, 2023]
од шпанскиот режисер Виктор Ерисе [Victor Erice].
Во пријатната вечер исполнета со ентузијазам и пролетна атмосфера, најпрвин се обрати
координаторот на Фестивалот, Андреј Лазаревски, која го посочи режисерот во фокус за годинешното издание, Маја Дерен.
Токму од тоа балансирање меѓу хаосот и редот, ни доаѓа и годинешната максима на Фестивалот која верувам дека веќе сите ја видовте, слушнавте, прочитавте, а која гласи ‘Неред меѓу редови’ и тоа со директни или индиректни алузии на веќе неколку работи кои верувам ги препознавте во нашиот неред воспоставен меѓу редови. Секако превртеното ‘Дерен’ кое читано обратно е Нередот од максимата; потоа и потсетувањето на едни редови за нас многу важни – токму редовите на театарските и кинотечните столчиња каде што некогаш се следел тој зародиш на авангардата; трето, заради митско-космолошката матрица на секогаш спротивставените ред и хаос, чиешто превладување едно над друго е ново раѓање или смрт; и четврто, многу важно, повторниот обид да ја размрдаме културната сцена во ова наше не премногу културно општество и уште еднаш да потсетиме дека културниот неред во бирократскиот ред е секогаш поголем ред од самиот ред, истакна Лазаревски.
Амбасадорот на Шпанија во Скопје, Н. Е. Хосе Луис Лосано Гарсија имаше поздравно обраќање, а филмот за отворање беше прикажан во соработка со шпанската Амбасада.
На отварањето на 14. Филозофски филмски фестивал ја славиме и уникатноста на
релацијата меѓу филмот и филозофијата. Исклучителната работа на овој Фестивал
е тоа што успева да ги обедини овие две дисциплини и така создава една моќна
алатка за размислување за светот околу нас, рече Гарсија.
Селекторот на долгометражните филмови Кирил Трајчев ја претстави накратко целата селекција и го најави филмот на Ерисе
Режисерот преку ова синеастичко остварување нè упатува на фактот дека еден филм, или филмот како уметност воопшто, е чувар на колективната и личната меморија. Сеќавањето може да се врати преку филмот и може да нè врати во минатото на одредена просторно-временска координата. Како со овој филм Ерисе да затвора еден творечки кинематографски круг, особено ако се потсетиме на сцената од неговиот прв самостоен долгометражен филм „Духот на улиштето“ кога децата се собираат во првите редови од киното за да го гледаат „Франкенштајн“, а пак на самиот завршеток на последниот филм
„Затвори ги очите“ повозрасни луѓе во кино го гледаат филмот во филм „Поглед за збогум“.
По впечатливиот почеток, Фестивалот продолжува и викендов со проекции во два термина. Дневните проекции се бесплатни, а за ноќните проекции публиката ќе може да си обезбеди карти пред почетокот на филмот по цена од 150 денари. Веќе вториот фестивалски ден е резервиран за видеоесеите на Маја Дерен кои се дел од Придружната програма на фестивалот и од чиј опус е поттикната и максимата на годинешното издание „Неред меѓу редови“. Со почеток од 18:00
часот ќе бидат прикажани следните шест видеоесеи: „Мрежи на попладнето“ [Meshes of the Afternoon, 1943], првиот експериментален филм на Маја Дерен, уникатна вежба во интроспективна археологија, знаменит обид да се преведат во слика џојсовиот „тек на свест“ и надреалистичкиот автоматски запис. „На копно“ [At Land, 1944], во којшто на една напуштена плажа, разбеснетите бранови и океанската плима исфрлаат женско тело. Набргу откако ги отвора очите, жената посегнува по еден дрвен трупец и, јазејќи се по неговите гранки, почнува патување кон некои загадочни и надреални висини. „Студија на кореографија за камера“ [A Study in Choreography for Camera, 1945], најкраткиот филм на Маја Дерен, го следи лесниот и неуморен чекор на Тали Бити [Talley Beatty] додека тој танцува во три различни средини: шума, дневна соба и музејска галерија. „Ритуал во преобразено време“ [Ritual in Transfigured Time, 1946], експериментален нем филм од првата повоена година кој, истражувајќи го меѓуодносот на танцовите движења и оние на филмската камера, изнесува коментари за природата на ритуалот и општествените норми. „Размисли за насилството“ [Meditation on Violence, 1948], замислен како коментар на недовршеноста на уметничкото дело – и инспириран од заемодејството на позитивниот и негативниот принцип кај Конфуциј – ова е првиот филм со звук на Дерен, структуриран, според нејзините белешки, околу едно суштествено начело: „баланс во константен флукс“.
„Продорното око на ноќта“ [The Very Eye of Night, 1955], треперливо соѕвездие e позадината врз која неколку танчари и танчарки – снимени на фотографски негатив – изведуваат серија балетски движења: соло, па pas de deux, па други поголеми формации.
Втората проекција за денот ќе се одржи во 21:00 часот кога ќе се прикаже вториот филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, кој е дел од компетитивната селекција на Фестивалот. „Не очекувај премногу од крајот на светот“ [Don’t Expect Too Much from the End of the World, 2023], од Раде Жуде е експериментална црна комедија – или и подобро, абразивна општествено-политичка сатира – со препознатливо жудеански субверзивни елементи, која не ја крие својата раскошна метафикционалност уште од првата сцена: филмот почнува со коментар дека треба да се гледа како разговор (а не само дијалог!) со „Ангела продолжува напред“ [Angela merge mai departe / Angela Goes On, 1982] на Лучијан Брату [Lucian Bratu], романски филм од залезните години на чаушевизмот. Горчливо зајадлив и годаровски ангажиран, „Не очекувај премногу од крајот на светот“ премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал во Локарно (каде и доби Специјално признание од жирито), а потоа и во Торонто, Истанбул, Њујорк, Чикаго, Хихон и на многу други значајни фестивали низ светот.
Во недела, од 18:00 часот ќе биде прикажан првиот дел од Официјалната селекција на краткометражни филмови. Од вкупно 16, публиката ќе може да ги проследи „Montanea“ [2023] од Шарлот Луј / Charlotte Louis, „15 минути“ [Cuarto de Hora / Quarter of an Hour, 2023], од Себастијан Немо Арансибија / Sebastián Nemo Arancibia, „Промена“ [Sværddrage / The Shift, 2022] од Амали Марија Нилсен / Amalie Maria Nielsen, „Мониста“ [As Miçangas / The Beads, 2023] од Рафаела Камело, Емануел Лавор / Rafaela Camelo, Emanuel Lavor, „Маден“ [Madden, 2023] од Малин Ингрид Јохансон / Malin Ingrid Johansson, „Силуета“ [Silueta / Silhouette, 2023] од Сава Доломанов / Savva Dolomanov, „На автопатот на едно скршено срце“ [Ethniki odos mias ragismenis kardias / Highway of a Broken Heart, 2023] од Никос Кирицис / Nikos Kyritsis, „Големата експлозија“ [Big Bang, 2022] од Карлос Сегундо / Carlos Segundo.
Додека на вечерната проекција од 21:00 часот повторно ќе биде прикажан еден од филмовите во Официјалната селекција на долгометражни филмови, овојпат „Во лушпата на златниот кожурец [Inside the Yellow Cocoon Shell, 2023] од Тјен Ан Фам. „Постои некоја свежина во овој свет – како да сте излегле од вратата од вашиот дом и веќе со наредниот чекор да сте влегле на некое неочекувано место.“ Така вели една рецензија за виетнамскиот филм и живописно ја доловува опседнувачки сновидната атмосфера што провиснува над ова необично зрело деби на 34- годишниот Тјен Ан Фам, несомнен духовен поклоник на Вирасетакул, Ханеке, Киаростами. Филмот го следи долгото и бавно патување на Тјен низ мистичните предели на рурален Виетнам – кон неговата младост, кон некогашните љубови и познаници, кон минатото кое неочекувано му станува сегашност и иднина. На почетокот се чини како Тјен да е тргнат и во потрага по својот исчезнат брат, но набрзо станува јасно дека тој е истоветно изгубен како и него и дека она што, всушност, отсутно се труди да го пронајде на ова патување е – себеси.
Учесник на неколку филмски фестивали (Карлови Вари, Сан Себастијан, Сао Паоло, Талин, Мелбурн, Ерусалим), филмот ја доби „Златната камера“ на Канскиот филмски фестивал во 2023 година.
Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: philosophicalfilmfestival.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.