Осмото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short“ ќе се одржи од 8 до 11 август во Струга.

„Осум лета, една идеја за бесконечност. ‘Слободата’ денес е тема која често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која е безброј пати злоупотребена, погазена, украдена и прелажана. Слободата, која денес е заробена од ‘слободниот свет’“, се посочува во најавата за настанот.

Оттука, тие велат дека осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние кои измислуваат нови универзуми и за оние кои патуваат низ нив, за оние кои веруваат и за оние кои не веруваат.

„Слободата е болест што не се лекува. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денес кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата“, велат од „Drim Short“.

Фестивалската програма ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Европската куќа Струга и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, во селекција на Иван Бакрач.

„Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата ‘MK Special’ чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата каде ќе се прикажат кратки филмови во специфичен формат. Во едукативниот дел од фестивалот ќе проследиме два мастеркласови, како и една дискусија за филм на тема ,,Соочување со минатото” во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот“, додаваат од „Drim Short“.

Музичката програма оваа година ќе биде посветена на македонската музика. Фестивалот ќе го отвори групата Фолтин со целовечерен концерт, додека фестивалот ќе го затвори групата Искра.

Деталите за програмата се достапни на следниов ЛИНК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.