Акција, возбуда, непредвидливост – тоа се квалитетите кои го дефинираат добар акционен филм, а во самиот центар на филмот се спектакуларните акробации кои ја оставаат публиката без здив.

Но, колку често се прашуваме кој стои зад овие акробации? Иако каскадерите се неопходни за снимање опасни сцени, некои актери инсистираат самите да ги изведуваат акробациите. Порталот „MovieWeb“ издвои десет актери кои се познати по тоа што во своите филмови самите изведуваат акробации.

Том Холанд

Том Холанд се занимаваше со гимнастика и танц, што го направи одличен избор за улогата Спајдермен во кинематографскиот универзум на Марвел. Повеќето акробации ги изведувал сам на сетот, а каскадерите ги користел само во сцените опасни по живот.

Џереми Ренер

Друга ѕвезда на филмскиот универзум на Марвел, Џереми Ренер има изведено 99% од акробациите во сите негови филмови. Сепак, тоа не беше без последици. Режисерот Џош Видон изјавил дека Ренер во еден момент бил толку повреден што не можел да се движи, поради што продукцијата на филмот била прекината додека не закрепне. Исто така, актерот не се појави во „Avengers: Infinity War“ бидејќи ги скрши двете раце за време на снимањето на „Tag“.

Мишел Родригез

Мишел Родригез е една од најдобрите акциони актерки на денешницата, а се има појавено во филмовите „Fast and Furious”, „Resident Evil”, „Avatar” и „Dungeons and Dragons: Honor Among Thieves“. Таа е позната по тоа што е подготвена сама да прави акробации, особено кога е во прашање франшизата „Брзи и бесни“, бидејќи е одличен возач.

Џејсон Статам

Џејсон Статам е ветеран на акционите филмови, а покрај тоа што речиси заврши на Олимписките игри како нуркач, актерот се занимава и со боречки вештини. Наученото во спортската кариера го применува на снимање, каде што самиот ги изведува повеќето акробации и борбени сцени.

Харисон Форд

Харисон Форд играше многу легендарни ликови, од Хан Соло во „Војна на ѕвездите“ до Рик Декард во „Блејд Ранер“, но тој е најпознат по улогата на измислениот археолог Индијана Џонс. Како Индијана Џонс, актерот самиот изведе голем број акробации, вклучувајќи ја и познатата сцена каде што бега од камен што се тркала. Актерот и сега, на 81-годишна возраст, инсистира сам да ги прави акробациите, кои ги откри додека го промовираше најновиот филм за Индијана Џонс „Indiana Jones and the Dial of Destiny“.

Шарлиз Терон

Шарлиз Терон се испроба во различни жанрови во својата долгогодишна актерска кариера, а даде се и во акционите филмови. Актерката помина низ интензивни тренинзи за да може да изведува борбени сцени и акробации во филмовите како „Atomic Blonde” или „The Old Guard“.

Кијану Ривс

Кијану Ривс има голема љубов кон боречките вештини, поради што беше толку одличен во „Матрикс“. Сепак, тој е најзапаметен во серијата „Џон Вик“, каде самиот изведува 99% од акробациите, од борбени сцени до престрелки.

Бастер Китон

Иако Бастер Китон е повеќе комичар отколку акциона ѕвезда, тој ги изведуваше своите акробации во време кога немаше толку многу безбедносни правила како што има денес. Актерот скокна од високи инфраструктури, се тркалаше по стрмните ридови и пливаше во моќни брзаци. Во една прилика дури и го скрши вратот кога врз него падна млаз вода од водна кула, за време на снимањето на филмот „Шерлок Џуниор“.

Том Круз

Фановите на франшизата „Невозможна мисија“ веројатно веќе се запознаени со опасните акробации кои актерот сака да ги изведува сам. Во неговиот најнов филм, Том Круз скокна на авион кој полета, висеше од хеликоптер во лет, па дури и скокна од карпа на мотор. Иако за малку ќе умрел неколку пати, сепак инсистира самиот да ги изведува акробациите.

Џеки Чен

На прво место е Џеки Чен, еден од најдобрите мајстори на боречки вештини во светот. Во својата долга кариера, тој има изведено некои од најопасните акробации, од скокање од високи згради до паѓање на загреан јаглен. Добил неколку повреди кои за малку ќе го чинеле живот, а една од тие повреди се случила во Загреб, за време на снимањето на филмот „Armour of God“, кога Чен паднал од дрво и си го скршил черепот, а дел од черепот се заглавил во неговиот мозок. Последиците од оваа повреда ги чувствува и денеска, има дупка на черепот и делумно оштетен слух на едното уво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.