Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, Сузи Кју продукција и Аворд филм и видео, е избран во официјалната селекција на 30-то издание на документарниот филмски фестивал АСТРА што се одржува во Сибиу, Романија од 15 до 22 октомври годинава.
Филмот ќе има две проекции на 18-ти и 20-ти октомври и се натпреварува во престижната програма на Централна и Источна Еворпа. АСТРА филмскиот фестивал е еден од најважните фестивали за документарни филмови во Европа, кој започна во 1993 како еден иновативен проект што во своите триесет години живот одигра важна улога во стимулирање на креативни документарни филмови и стана важна платформа и за романската и меѓународната кинематографија.
По Сибиу, „Љубовната соба“ ќе имa проекција на 27-ми октомври во рамки на 9-иот Пелопонешки филмски фестивал во Каламата, Грција. Фестивалот е организиран од Креативниот документарен центар на Каламата. Фокусот на фестивалот се меѓународни долгометражни и краткометражни документарни филмови но и мастеркласи, ретроспективи, едукативни проекции и семинари се дел од фестивалот.
Во периодот од 9 до 12 ноември, „Љубовната соба“, ќе биде дел од официјалната селекција на филмскиот фестивал МЕТА што се одржува во киното VOX – Вафи Сити, во Дубаи, ОАЕ. МЕТА е единствениот меѓународен филмски фестивал во Дубаи и е поддржан од владата на Обединетите Арапски Емирати и од Советот за медиуми. Исто така, филмот е селектиран за учество на меѓународниот фестивал „Светот на филмот“, во Глазгов, во Велика Британија, во периодот од 2-ри до 9-ти ноември.
Режисерката и продуцент Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учестува во панел дискусијата за филмот на претстојните фестивали во Романија, Грција и Обединетите Арапски Емирати.
Документарниот филм ,,Љубовната соба”, на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во ко-продукција со Аворд Филм и Видео. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, а тонски дизајнер е Игор Поповски.
Својата светска премиера ,,Љубовната соба” ја имаше на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона, во САД во март годинава во категорија на светски долгометражни филмови и европска премиера на Загребдокс во Хрватска во регионална конкуренција.лв/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.