Осмиот Медиумски фестивал Скопје од утре до четврток ќе се одржи во мултимедијалниот простор Котур, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА. Оваа година, фестивалот е посветен на основната градбена клетка на новинарството – локалното известување.
Фестивалот ќе започне со дискусија на тема „Моќта на локалните гласови и новинарството на локално ниво“, каде што ќе се разгледаат предизвиците и улогата на локалните медиумски работници, како и проблемите со кои тие се соочуваат.
Филмската програма ја отвораат документарците „За весникот” на добитничката на наградата „Еми“, Хедер Кортни, и „Лош печат”, преку чии примери се отсликува судбината на безброј локални весници ширум светот.
На вториот фестивалски ден ќе се прикажат „Залутани тела”, за принудниот т.н. медицински туризам во Европа и „Небото над Зеница” за погубното загадување во Босна. Фестивалот го затвора „Промена на вестите”, за дигитална платформа создадена како обид да се разбие едноличната машка доминација во редакциите во САД.
МФС традиционално ги разгледува предизвиците со кои се соочуваат жените во медиумската сфера во Македонија, годинава преку дискусија за солидарноста и градењето заедница меѓу жените во медиумите.
Третиот фестивалски ден е фокусиран на учеството на младите во медиумите, започнувајќи со работилница за фотоновинарство каде на младите новинари ќе им биде претставена моќта на визуелните приказни. А дискусија за како да се поттикне вклучување на младите во новинарската професија ќе следи веднаш по прикажувањето на два кратки документарни филма изработени во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.