Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски е поканет да биде дел од ексклузивниот маркет на ДОК програмата во рамки на Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови во Лајпцинг, Германија од 17 до 23 октомври 2022 година.

„Љубовната соба“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, Сузи Кју продукција и Аворд Филм и Видео, е меѓу 120-те селектирани нови документарни филмови. Според оценката на селекторите на фестивалот документарецот има голем потенцијал за меѓународна циркулација, и натамошна промоција и продажба и претставува филм со меѓународна привлечност, заради што заслужува да биде претставен во програмата на ексклузивниот филмски маркет, на ДОК фестивалот во Лајпцинг.

Исто така, продуцентката и режисерката на „Љубовната соба“, Сузана Диневски, е селектирана да учествува на 35-то издание на Меѓународниот документарен филмски фестивал во Амстердам во периодот 10-14 ноември, 2022, во официјалната програма на IDFA Академијата 2022, каде ќе има и можност лично да го презентира филмот, а во насока на негова натамошна промоција. Диневски ќе биде дел од групата од стотина филмски режисери и продуценти, чијшто избор е направен врз основа на нивниот профил, мотивација и работен опус.

 

IDFА како еден од водечките и реномирани документарни фестивали во светот што опфаќа предавања, работилници и прикажување над 300 филмови и приказни за животот од целиот свет и е вистинско место за љубителите и познавачите на документарниот филм, чијашто фестивалска програма нуди уникатни перспективи за различниот поглед на светот. Воедно, со поддршка на ИДФА Одделот за филмаџии, во текот на целата година се организираат обуки и тематски програми со цел да се стимулираат нови таленти и за унапредување на документарната продукција на повисоко ниво.

Филмот раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.

„Љубовната соба” доби награда на „Агора Докс“ на фестивалот за документарен филм во Солун во Грција, во март 2022.

Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), а ко-продуценти се Владимир Стојчевски (Аворд Филм и Видео) и Бани Бојана Диневски (Сузи Кју продукција). Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, организатор е Горан Стојилковиќ, а тонски дизајнер е Игор Поповски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.