Последиот месец од оваа календарска година – декември – во Кинотека ќе бидат прикажани незаборавни филмски остварувања. Всушност, тоа е сржта, суштината на работата на оваа институција. Секогаш кога е можно пред гледачите да бидат прикажани неодминливите, култни остварувања. Такви кои интелектот го креваат на високо рамниште, тераат на размислување, заземање став, анализирање.

На самиот почеток на месецот ќе му се оддаде пиетет на бардот на глумиштето, незаборавниот Мето Јовановски. Ќе биде прикажан филмот АНГЕЛИ НА ОТПАД, последниот целовечерен филм на Димитрие Османли, во кој нашиот Мето бравурозно, впрочем како и секогаш, било во театар, било на филм, ја одигра главната ролја.

Потоа, ќе има неколку проекции на веќе познатиот ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ, во режија и по сценарио на Горан Столевски. Неговата филмска приказна е за универзалните вредности на семејството како општествена единка.

Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски РАЦЕТЕ ГОРЕ, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години.

ЧУВАРИ НА ФОРМУЛАТА, дело на познатиот Драган Бјелогрлиќ, ги пренесува вистинските случувања од крајот на педесеттите години во институтот „Винча“ во Србија.

Самото финале на месецот, односно годинава, е резервирано за великаните, големите авторски имиња Скорсезе, Питер Вир, Фелини, Ингмар Бергман. Што да се каже за нивните култни остварувања, а што не е кажано досега. Скорсезе ќе биде претставен со неговиот филм УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА, три и пол часовен епски вестерн, токму од оваа година. Истиот збор може да се употреби за австралискиот значаен режисер Питер Вир и неговиот ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ, филм што ја отвори вратата на светската кинематографија за австралиската филмска сцена. На светската филмска сцена, пак, со децении неприкосновени се режисерските великани Федерико Фелини и Ингмар Бергман. Од опусот на италијанскиот филмски маг е избран ОСУМ И ПОЛ, ремек-дело кое е меѓу првите во абецедата на светскиот филм. Во неа бездруго свое место има и ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР на прочуениот швеѓанец Ингмар Бергман.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.