Краткиот филм “Само ѓаволот се плаши од вода” во режија на Лидија Мојсовска, својата интернационална премиера ќе ја има на фестивалот за краток филм PÖFF Shorts, кој е дел од фестивалот Black Nights Film Festival – PÖFF во Талин, Естонија. PÖFF Shorts ќе се одржи од 15 до 23 ноември 2022 година.
Главните улоги ги толкуваат Ангел Ристоски, Анастасија Јованоска и Тинка Ристеска. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Лидија Мојсовска и Јаков Попоски, кинематографер е Бранко Аврамовски, монтажер Михаил Димитров, сценографијата е на Александра Чевреска, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Снежана Ангеловска Живковска, а музиката е на Ален и Ненад Синкауз.
“Само ѓаволот се плаши од вода” е приказна за Борис и Кира чие пријателство е ставено на тест, кога Борис под влијание на неговата баба ќе ќе почне да се сомнева дека Кира е олицетворение на Ѓаволот.
Интернационалниот фестивал за краток филм и анимација PÖFF Shorts, како дел од Black Nights Film Festival – PÖFF овозможува квалификација за Оскар, Европската филмска академија и БАФТА.
Филмски фестивал во Талин – Black Nights Film Festival (PÖFF) своето прво издание го имал во 1997 година, а денес е еден од најголемите филмски фестивали во Северна Европа и е дел од А-категоријата на филмски фестивали, заедно Кан, Венеција, Берлин, Карлови Вари и др.
“Само ѓаволот се плаши од вода” е втор краток филм на Мојсовска. Нејзиниот прв краток филм “Награда” (2018) беше прикажан на повеќе од 50 фестивали и освои 18 награди.
“Само ѓаволот се плаши од вода” е во продукција на Лист Продукција и Слобода филм, а во копродукција со Антиталент од Хрватска и е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија, See Cinema Network и Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Националната премиера на филмот се случи на ИФФК „Браќа Манаки“ во август оваа година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.