По годишноодморската пауза вратите на кинотеката, домот на седмата уметност, во септември повторно се отвораат. Разновидноста, во неколку форми, е карактеристика на оваа понуда за гледачите. Различни жанрови, разновидни земји во кои се продуцирани, разновидно време во кои се создадени. Оваа инклузивност го подразбира и значителниот број на регионалните копродукции, како дел од месечнава програмска понуда.
Ќе се стартува со турско-македонската копродукција НАЈТЕШКОТО НЕШТО, снимена по сценарио на Оливер Ромевски, а во режија на Сердар Акар. На ова се надоврзуваат играни, документарни, музички филмови кои го имаат префиксот, како и почетните – регионални копродукции. Публиката во кинотеката ќе биде во можност да ги проследи играните филмови ЗДРАВИ И ЖИВИ, ШТРКОТ, како и нешто постариот КАРАУЛА во режија на филмскиот волк Рајко Грлиќ. На програмата ќе се најде и музичкиот документарец ЕФТЕРКЛАНГ- БЕНДОТ МАКЕДОНИУМ, кој го отвори годиншеното издание на фестивалот СИНЕДЕЈС. Филмот е данско-македонска копродукција и е првиот филм каде што како продуцент се јавува МКЦ.
Средишната септемвриска понуда е изненадувачка. Станува збор за веќе редовниот и со нетрпение очекуван Фестивал на нем и класичен филм. Всушност, тоа е шестдневна можност да се видат ваквите, веќе подзаборавени, а легендарни кино творби. Ова е вистински подарок за сериозните филмофили. Тоа што понатаму следува е исто така скапоцен подарок. Филмскиoт гигант Скорсезе и почитуваниот наслов – БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК.
Сево ова што ќе може да се погледне и доживее, можеби за првпат, можеби повторно, е за почит и наклон. Впрочем, КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА на ваков начин го задржува високиот рејтинг на прикажувач на филмските творби.
Целосна ПРОГРАМА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.