Амбасадата на Република Кореја во соработка со Кинотека на Македонија денеска организира „Ден на корејската култура во Скопје“.

Предвидени се проекции на два филма во Кинотека. Од 17:00 часот ќе биде прикажан играниот филм „Помеѓу боговите: двата света“, јужнокорејски фантастичен акционен филм од 2017 година, во режија на Ким Јонг-хва. Филмот е прв дел од трилогијата базиран на истоимениот веб-серијал на Џо Хо-мин, кој е инспириран од будистичките слики од корејската династија Чосеон и раните будистички текстови за Десетте кралеви на пеколот. Филмот не се препорачува за деца под 15 години.

Од 19:30 часот, пак, е  играниот долгометражен филм „Одлука за заминување“ на корејскиот режисер Паак Чан-ук кој ја доби „Златната палма“ за режија на Канскиот фестивал во 2022 и беше јужнокорејски кандидат за „Оскар“ во 2023.

Паак Чан-ук (Park Chan-wook, 1963) е еден од најзначајните режисери на современата корејска кинематографија, а неговите филмови „Заедничка зона на безбедност“, „Сочувство за г-дин Одмазда“, „Олдбој“, „Жед“, „Слугинка“ и други се меѓу најнаградуваните корејски филмови не само на домашните и азиските, туку и на филмските фестивали ширум светот, велат од Кинотека во најавата за „Ден на корејската култура во Скопје“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.