Италијанската актерка Софија Лорен, филмска икона крунисана со два Оскара, во петок навечер во Рим ќе го прослави својот деведесетти роденден, пишуваат италијанските медиуми.

Откако во римското кино во студиото „Cinecittà“ ќе биде почестена од бројни гости, меѓу кои и италијанскиот министер за култура Алесандрио Џули, актерката ќе вечера со околу 150 пријатели, колеги и членови на семејството на луксузната тераса на хотелот каде свечено ќе отвори апартманот што го носи нејзиното име, пишува Corriere della Sera.

За таа прилика Лорен ќе ја облече нејзиниот голем пријател Џорџо Армани.

На врвот на нејзината кариера во Холивуд, нејзините партнери беа најголемите актери во тоа време, од Ентони Квин и Кларк Гејбл до Марлон Брандо, Кери Грант, Питер Селерс, Џон Вејн и Френк Синатра.

Деведесеттиот роденден на Софија Лорен ќе биде одбележан и со ретроспектива во њујоршкиот Линколн центар. Јавната италијанска телевизија RAI деновите ќе емитува неколку филмови во коишто глумеше Лорен.

Легендата на седмата уметност, актерка и вдовица на починатиот продуцент Карло Понти, се врати на италијанските мали екрани во 2010 година во телевиски филм за нејзиниот живот во кој ја глумеше сопствената мајка. Во 2014 година, на нејзиниот 80-ти роденден, таа објави автобиографија со наслов „Вчера, денес и утре“.

Последен пат глумеше во филмот „La vie avant soi“ од 2020 година, адаптација на романот на Ромен Гери во режија на нејзиниот син Едоардо Понти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.