Приказна за девојката Делфина, која е решена да ги совлада сите тешкотии и разочарувања што ги носи со себе животот и да истрае во совладувањето на водите од каналот Ла Манш, може да се погледне денеска во Кинотека.

6 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА
(Stand up Straight, Delfina)
Игран филм, Македонија
1977, 101 мин., колор, 35 мм
Режија: Александар Ѓурчинов (Aleksandar Gjurchinov)
Сценарио: Александар Ѓурчинов(Aleksandar Gjurchinov)
Улоги: Неда Арнериќ, Диме Илиев, Слободан Димитриевиќ, Дарко Дамески (Neda Arnerić, Dime Iliev, Slobodan Dimitrijević, Darko Dameski)

Делфина се подготвува да го преплива каналот. Меѓу случајните минувачи е и Рене, инвалид во количка, кој го препливал каналот и сите пливачи ги испраќа на нивниот долг пат. Во бродот што ја придружува, покрај судиите, се нејзиниот тренер Атанас и пријателот Петко. Тоа се единствените луѓе што вистински ја сакаат Делфина и кои настојуваат да ѝ помогнат во остварувањето на подвигот.
Додека плива во разбранетото и студено море, Делфина се сеќава на изминатиот живот: како се запознава со Младен, тренерот на републичката репрезентација во пливање, за првите интимни контакти со него, за наставата во угостителското училиште и за членувањето во локалниот пливачки клуб. Кога еден ден добива стипендија за школување во ДИФ, Делфина не се двоуми и заминува за Скопје, зашто очекува од животот многу повеќе, и е решена ништо да не ја спречи во намерата да го осмисли својот живот и да го најде вистинскиот пат. Сите напори, сите достигнувања, сите падови и омаловажувања, Делфина ги надминува стоички. Препливувањето на Ла Манш ќе значи единствена можност Делфина да ја врати самодовербата, желбата за нормално живеење и самопочитта. Делфина ја води последната битка, со крајни напори се исправа на своите нозе и го постигнува невозможното.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

Во овој месец Кинотека презентира, во популарно наречената недела на филмот, јапонски филмови. Станува збор за понова продукција на оваа интересна и многу влијателна кинематографија.

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ
6 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.ОСАМЕНОТО УМЕ ДРВО
(Ume kiranu baka / Lone Ume tree)
Игран филм, Јапонија
2021, 77 мин., колор, ДЦП
Режија: Котаро Ваџима (Kotaro Wajima)
Сценарио: Котаро Ваџима, (Kotaro Wajima)
Улоги: Марико Кага, Муга Цукаји, Икеи Ватанабе, Јоко Моригучи (Mariko Kaga, Muga Tsukaji, Ikkei Watanabe, Yôko Moriguchi)

Една стара куќа стои меѓу новоизградените згради, како да е оставена сама за себе. Тамако, популарна бајачка, со години живее таму, заедно со својот син Тадао. Бидејќи Тадао е аутист, нивните соседи често се жалат на неговото непредвидливо однесување. Еден ден, Тамако дознава дека е има слободна соба во групен дом за лица со интелектуална попреченост каде тие живеат независни од своите семејства. Тамако решава да го пушти Тадао да се пресели во групниот дом. Меѓутоа, Тадао, збунет од ненадејната промена на средината, бега од домот и се впушта во проблематичен инцидент.
ОСАМЕНОТО УМЕ ДРВО е вториот филм на Котаро Виџима (Kotaro Wajima). Тоа е човечка драма за борбата на мајката и на нејзиниот аутистичен син за својата независност во однос на заедницата во која живеат. Режисерот со голема чувствителност и нишка на хумор ја доловува силата и виталноста на мајката и синот, притоа не бегајќи од проблемите, предрасудите и конфликтите со кои се соочуваат обесправените луѓе и нивните семејства во Јапонија.

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.