Детскиот германски филм „Макс и бесната дружина“, во режија на Винфрид Елснер, од утре ќе игра во повеќе киносали низ републиката.

Проекциите почнуваат утре во 18:30 часот во киното „Милениум“ во Скопје и во 19:00 часот во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар.

Задутре и в сабота, пак, „Макс и бесната дружина“ ќе се прикажува во Кинотеката од 15:00 часот, како и во Центар за култура Битола од 18:30 часот.

Проекции на филмот ќе има и во Културен и информативен центар Македонска Каменица на 25-ти месецов, како и во Дом на култура „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци и Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино до крајот на јануари.

Станува збор за крими-авантуристички семеен филм по сценарио на Винфрид Елснер и Лиса Мари Дикрајтер. Филмот имаше премиера на фестивалот „Блек најтс“ во Талин во 2020 година и беше номиниран за награда. Улогите ги толкуваат Јона Ајзенблетер, Уши Глас, Мариа Хаалмер, Томас Тиме, Стела Брикнер, Алвара Хефелс, Нина Петри, Лео Ницка.

Младиот протагонист е деветгодишниот Макс, кој живее во дом за стари лица сместен во замокот Геролдсек каде неговата мајка работи како медицинска сестра. Макс исто така забележува дека нешто чудно се случува во старите ѕидови на домот. Изгледа дека мистериозен крадец краде скапоцености од собите на жителите среде бел ден. Меѓу осомничените е и мајката на Макс, на која и се заканува отказ. Тој брзо ќе се спријатели со неколку од постарите жители на домот: актерката Вера, фудбалскиот тренер Хорст и истражувачот Килијан, попознати како Бесната дружина. Заедно ќе го изведат вистинскиот крадец пред лицето на правдата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.