14. Филозофски филмски фестивал денес влегува во својот средишен, четврти ден, односно, остануваат исто толку (четири) денови за љубителите на филмот да проследат уште некоја интересна филмска приказна. За нив, мал рекапитулар на викенд-програмата, како и најава за наредните два дена од Фестивалот.
Проекциите за викендот се одвиваа во два термина, попладневен, од 18:00 часот во Кинотечната сала и, вечерен, од 21:00 часот, во Летното кино „Мирно лето“. Во саботата (8. јуни) беа проектирани шесте видеоесеи на Маја Дерен, како дел од Придружната програма на Фестивалот, а проекцијата беше пригодно претставена од Ивана Мирчевска, селекторка на програмата на видеоесеи на 14. ФФФ. Вториот саботен термин беше наменет за политичката сатира „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на романскиот режисер Раду Жуде, за кого краток вовед направи Љупчо Митковски.
Вчеравечер (9. јуни) започна прикажувањето на Официјалната селекција на краткометражни филмови, односно беа прикажани осум од вкупно шестнаесет филма, претходно најавени од селекторот Дејан Здравков. Публиката имаше можност да ги погледне „Montanea“ од Шарлот Луј, „15 минути“ од Себастијан Немо Арансибија, „Промена“ од Амали Марија Нилсен, „Мониста“ од Рафаела Камело и Емануел Лавор, „Маден“ од Малин Ингрид Јохансон, „Силуета“ од Сава Доломанов, „На автопатот на едно скршено срце“ од Никос Кирицис и „Големата експлозија“ од Карлос Сегундо. Втората проекција за денот, го донесе третиот филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, односно тричасовниот „Во лушпата на златниот кожурец“ од виетнамскиот режисер Тјен Ан Фам, а со претходна најава на директорката на Фестивалот, Ана
Дишлиеска-Митова.
Денес (10. јуни), најпрвин на Филозофскиот факултет (Слушална 8, 12:00 ч.) ќе се одржи настан од Придружната програма, односно предавањето на српскиот филозоф Иван Миленковиќ, на тема „Кантовата друштвена недруштвеност (ungesellige Geselligkeit)“. Попладнето продолжува вториот дел од Официјалната селекција на краткометражни филмови, овојпат со уште осум остварувања, чија проекција ќе започне во 18:00 часот: „Чучуе / Си беше еднаш…“ од Амартеи Армар. „Лимоново дрво“ од Рејчел Волден, „Ништо од сето тоа“ од Патрисио Мартинез и Франциско Кантон, „Неемиц / И подолго од засекогаш“ од Јудаџит Басу, „Жими мајка и да ми умре најмилото“ од Сам Манакса „Тло“ од Педро Варгас, „Сеќавањата на една празна куќа од Бруно Карниде и „Мојата девојка“ од Кавтар Јунис. Во вечерната проекција од 21:00 часот повторно ќе биде прикажан еден филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови и тоа иранскиот филм „Прозаични стихови“ од режисерскиот двоец Али Асгари и Алиреза Катами, кој преку девет еднокадрени вињети следи девет ирански граѓани во нивното секојдневие. На крајот, гледачот тешко дека ќе може да се оттргне од впечатокот дека сите тие регионализми и локализими, дека сите тие специфични правни или политички проблеми за кои се разговарало – сето она што било изгледано минатиот час и половина – всушност бил заобиколен обид да се проникне во најдлабокото, во универзалното.
Во вторник (11. јуни) ќе се прикаже првиот од трите филма во Ревијалната програма со почеток од 18:00 часот. „Убавината на порокот“ на црногорскиот режисер Живко Николиќ преку кој се преиспитуваат вредностите не само на традиционалните, патријархални средини во тогашната СФР Југославија, туку и на целиот тогашен систем кој, на работ на својот распад, почнува да се соочува со привлечните либерални западни вредности. На проекцијата ќе гостува Иван Миленковиќ од Србија кој ќе одржи излагање на тема „Што е слобода?“ по кое ќе има отворена дискусија со публиката. Втората проекција за вторникот (во вообичаениот термин од 21:00 часот) е резервирана за грузискиот филм „Граѓанинот светец“ од режисерката Тинатин Кајришвили, последниот предвиден годинешен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови.
Исто онолку религиска сатира, колку и општествена алегорија, филмот низ строга црно-бела палета, широки кадри и неконвенционални внатрешни ракурси, истражува теми како очајот, надежта, духовноста и сложеноста на човековата состојба во светот.
Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: philosophicalfilmfestival.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.