Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ вечерва ќе го започне своето 9. издание.
Во Киното Фросина, во Младинскиот културен центар, во 20 часот е црвениот тепих, а во 20.30 почнува церемонијата на свеченото отворање и проекција на филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, кој е во официјалната селекција за награда на Фестивалот.
Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, нормално е да настане хаос. Двајцата ќе мора да здружат сили за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки, и можен крај на севкупната егзистенција. Научнофантастична пародија со балкански шмек со супер-јунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство.
Улогите во филмот се на Жарко Димоски, Дамјан Цветановски, Емилија Мицевска.
Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш.
Гоце Цветановски е македонски наградуван режисер и продуцент. Студирал на филмски студии во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Покрај неговите филмски активности, тој има работено и на различни комерцијални проекти за клиенти како што се Faith No More, Ed Sheeran, Samsung и Alcatel.
Тој е ко-основач на компанијата за издавање стрипови „Komic Brew“ со седиште во Шкотска, Велика Британија. Во 2015 година се враќа да живее и работи во Македонија како креативен директор на Lynx Animation Studios. Гоце стана првиот македонски автор кој се споменува во магазинот „Ролинг Стоун“ како режисер на спотот на Faith No More „Cone of Shame“. Работел на проекти за различни музички ѕвезди, вклучувајќи ја и анимираната верзија на хитот на Ед Ширан „Лоши навики“.
„Јон Вардар против Галаксијата“, неговиот втор филм, е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија и најголемиот копродукциски проект за анимација на Балканот во кој учествуваат: Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Годинашен добитник на наградата за особен придонес во светската филмска уметност е австрискиот режисер Улрих Зајдл, кој ќе присуствува на свеченоста и ќе ја прими наградата.
Во текот на следните фестивалски денови програмата која изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни за нашата јавност ќе може да се проследи во Киноверзум, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела вода.
Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе можете да се внурнете и во творештвото на нашиот лауреат преку филмовите од неговата филмска трилогија РАЈ или PARADISE.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.