Од 17-ти до 21-ри јули на 4 локации во Охрид ќе се одржува седмото издание на „Фестивалот на нов европски филм BEACH FILM FESTIVAL ОХРИД 2024“. Овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид.
Фестивалот ќе го отвори филмот „Живи и Здрави“ (Forever hold your peace), а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови и тоа: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите Sioto Jazz и Xarakiri, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо SIZ.
Оваа година имаме четиричлено жири кое се состои од: Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете Институт), кое ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување. Исто така е оформено и тричлено жири кое ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм, а кое се состои од: Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски.
Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и посебно ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор, целно во периодот додека трае фестивалот. Поради тие причини оваа година фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 – 21 јули со почеток од 20.00ч. ќе има проекции на детски филмови и влезот на истите е бесплатен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.