Шарената фамилијарна комедија „Луси гангстерката“ во режија на Тил Ендеман, синхронизирана на македонски и албански јазик, од денеска се прикажува во киносалите во повеќе градови низ републиката. Во Скопје се прикажува во кината „Синеплекс“ и „Милениум“, во Битола во Центарот за култура и киното „Манаки, кината „Киноверзум“ во Велес и Штип и во Дом на култура „Крсте Мисирков“ – Свети Николе.
Во текот на месецот филмот ќе се прикажува и во Кинотека, Киноверзум – Кисела Вода, Кочани, Неготино, Струга, Кичево и други градови.
Главен протагонист во филмот е 10-годишната Луси, која ја играат идентичните близначки Валерија Арнеман и Виолета Арнеман. Ова добро воспитано девојче решава да ограби банка оти нема друг начин како да ја спаси семејната продавница за сладолед. Луси го наговара лошото момче од училиштето, Тристан да ја тренира, а операцијата „Луцифер“ опфаќа различни дисциплини како што се крадење, лажење, мамење и мито. Луси ќе направи се за да го спаси бизнисот на своите родители – какви лудории може да очекувате од неа?
Филмот беше прикажан на најголемите фестивали за детски и фамилијарни филмови и ја освои наградата од детското жири на Филмскиот фестивал во Цирих во 2022 година.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е помогната од German Films, како и од МЕДИА Креативна Европа преку меѓународниот проект KidSquare (Детско катче). Од крајот на месецов филмот ќе биде достапен онлајн на платформата cinesquare.net.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.