Љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годината што изминa. Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година.
Оние филмови што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.
1 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
Првиот, деветминутен нем филм е под наслов БАЛКАНСКА ВОЈНА. Во него се прикажани снимки што одлично ја илустрираат атмосферата на војната: ранети црногорски војници, транспорт на гранати, битката кај Куманово, албански затвореници, полска болница.
Вториот, осумнаесетминутен црно-бел филм е под наслов ОД ЛИСТЕРВЕЛД ДО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО – УВИД ВО НАРОДНИОТ ЖИВОТ ВО ЈУЖНА СРБИЈА. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија, Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци, градот Скопје, манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, манастирот Св. Наум Охридски на Охридското Езеро, снимки од езерото кај населбата Варош во Охрид.
Третиот филм е петнаесетминутен црно-бел филм во холандска продукција и наслов ПУЛСОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА. Овде се прикажани „старото империјално Скопје“, како што гласи написот, Калето со касарната, зградата на театарот, Камениот Мост, Старата чаршија, црквата Св. Спас, манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, манастирот Св. Јоаким Осоговски крај Крива Паланка и археолошки ископини одделени со натпис: „Римски остатоци во Стоби“.
Четвртиот четириесетминутен филм, КРАЛСТВОТО ЈУГОСЛАВИЈА, е во колор. Во него се прикажани снимки од италијанска територија, патот од Трст кон Загреб, влегувањето во Југославија, посетата на француската делегација на Македонија, Скопје-Старата чаршија, Куршумли ан, центарот на Скопје. Следува посета на Велес, прилепската чаршија, посетата на Битола и Охрид. Репортажата завршува со централна прослава на скопскиот плоштад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.