Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на јубилејното 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“, што ќе се одржи од 24 февруари до 3 март во Аризона.

Филмот на Цветановски ќе биде и еден од осумте филмови во официјалната селекција на „Фарго филм фестивал“, што ќе се одржи од 19 до 23 март. Публиката ќе може да го проследи во кино салата „Фарго“ во Северна Дакота. Фестивалот постои 24 години, а неговата програма низ годините е збогатена со присуството на еминентни имиња од светот на филмот.

Членовите на жирито на „Фарго филм фестивал“, во писмото за официјалната селекција на филмовите истакнале дека годинава добивале многу квалитетни апликации.

-Добивме многу квалитетни апликации оваа година, но жирито сметаше дека вашиот филм е навистина впечатлив и суштински ја доловува кризната и трагична состојба во светот. Навистина сме возбудени што ќе го споделиме овој филм со нашата публика, се вели во писмото на членовите на жирито на фестивалот.

Режисерот Цветановски го радува тоа што филмот и годинава продолжува со успешната фестивалска турнеја.

-Секоја нова селекција ме исполнува со радост и возбуда. Со нетрпение го чекам на пролет прикажувањето во македонските кино сали. Реакциите низ светот се позитивни, верувам дека и на македонската публика ќе и‘ се допадне оваа приказна, вели Цветановски.

Филмот лани успешно се претстави на „Орландо Филм Фестивал“ во САД, каде имаше номинации во пет категории. Потоа, филмот го затвори 34. издание на филмскиот фестивал „Синеворлд филм фестивал“ на Флорида.

„Бизнисот на задоволството“ досега бил селектиран на дваесеттина фестивали, а се закитил со пет награди. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.