Легендарниот француски актер Ален Делон одлучи да стави крај на својот живот со евтаназија во Швајцарија. Синот на 87-годишниот актер, Ентони Делон, ја соопшти оваа одлука во интервју за францускиот RTL. Неговиот татко побарал помош од него за овој план, а тој се согласил да биде со него во последните моменти од животот.
Како што пишуваа француските медиуми, Делон одлука најверојатно ја донел поради неодамнешната смрт на неговата поранешна сопруга и мајка на неговиот син Ентони, актерката Натали Делон, која почина во јануари минатата година. Со оваа француска актерка, модел, филмска режисерка и писателка, која важеше за една од најубавите жени во светот во 60-тите и 70-тите години, Делон беше во брак од 1964 до 1969 година. Кога и беше дијагностициран рак на панкреасот, Натали сакаше да си замине доброволно и достоинствено, за да избегне болна смрт.
Мајка ми, која беше слободоумна личност, сакаше да си замине на ист начин како што живееше, достоинствено. За среќа, не прибегнавме кон овој процес. Велам за среќа бидејќи се беше подготвено. Имавме личност, изјави Ентони Делон.
Каде би го извршиле овој чин не е познато, бидејќи француските закони не дозволуваат вакво потпомогнато самоубиство и поради оваа причина дел од Французите заминуваат во Швајцарија. И неговиот татко долго време се залага за правото на евтаназија.
Евтаназијата е најлогична и најприродна работа. На одредена возраст, како и поради животни околности, имаме право да го напуштиме овој свет тивко без болницата да се меша и ја продолжи вашата агонија со инјекции или апарати за одржување на животот, рече Ален Делон во минатогодишното интервју.
Француските медиуми пишуваат дека се очекува Делон да го спроведе својот план во Швајцарија, каде потпомогнатото самоубиство е легално. Делон поднел барање за швајцарско државјанство во 1999 година, а живеел таму по мозочниот удар во 2019 година. Тој уште тогаш ја донел одлуката, бидејќи по операцијата рекол „стареењето е страшно, не можеш ништо да направиш со тоа, го губиш изгледот, видот, по ѓаволите, те боли и глуждот штом ќе станеш, тоа е страшна болка“.
Според медиумите, тој сега со своите адвокати разговара за наследството, очигледно со намера да ја среди целата документација пред да го спроведе својот план и да си замине по свои услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.