Околу 600 филмови пристигнале за годинешното издание на Меѓународниот филмски фестивал Астерфест што од утре до 8 август по осумнаесетти пат ќе се одржи во Струмица. Од нив селектирани се дваесетина филмови што ќе се прикажат во првите два дена од фестивалот.

Фестивалот влегува во една мошне зрела фаза и пред нас е 18. издание. Дојдовме до моментот кога како филмски работници мораме да го чуваме, негуваме и одбраниме трендот на „Астерфест“, затоа што во една какафонија од манифестации и фестивали од секаков вид и карактер, „Астерфест“ ја заслужи таа доблест, која ја започна од самиот старт да открива нови мултикултурни кинематички простори. Ние останавме доследни на нашето кредо, на нашиот генерален концепт и секако на физиономијата на Фестивалот, истакна основачот и уметнички директор на „Астерфест“, Горан Тренчовски.

Според продуцентот Дејан Милошевски, годинашната програма може да се оцени како почнување на нова фестивалска ера со премиерно прикажување на нови филмови.

Тоа е еден новитет на Фестивалот што го планираме и морам да кажам дека сме задоволни од селектираната програма и мислам дека ќе имаме успешен фестивал, рече Милошевски.

Според селекторот Софија Тренчевска, годинава фестивалот нуди интересна и богата програма.

Интересот за пријавување филмови на „Астерфест“ беше огромен. Беа пријавени повеќе од 600 филмови и со самото тоа селектирањето на програмата беше голем предизвик, бидејќи сакавме да ги одбереме најдобрите филмови, рече Тренчевска.

Годинашен добитник на наградата „Астер“ за животно дело е легендарната Каталин Ладик, филмска и театарска актерка и писателка, една од истакнатите, плодните и наградувани претставнички на алтернативната изведувачка уметност во поранешна Југославија и во Унгарија и една од влијателните европски уметнички во последните децении.

На „Астерфест“ ќе има и проекција на реставрираната верзија на долгометражниот игран филм „Планината на гневот“, во знак на петгодишнината од смртта на Љубиша Георгиевски и 55 години од продукцијата на филмот со Ристо Шишков во главната улога.

Официјалното стручно жири го сочинуваат: Гоце Ристовски, Дрита М. Фазлија и Мили Чумиќ.

Фестивалот ќе има и специјална проекција на филмот „Сонцето не грее на сите страни“ кој ја раскажува приказната за музичарот Ване Црнгаров од струмичко Кукилиш, кој барајќи подобра егзистенција се сели во Австралија каде ја заработува имитирајќи го Елвис Присли.

Фестивалот има и офф програма која вклучува промоција на книги и филмски разговори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.