Првпат во земјава ќе се организира Фестивал на најдобрите настани во годината што изминала – БЕАМ (Best of event awards Macedonia), што го иницира и организира Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП). Идејата произлегла како потреба за мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците.
Настаните ќе се избираат во 15 категории, а ќе ги оценува жири-комисија составена од искусни идокажани професионалци во повеќе сектори од креативните индустрии.

Целта на БЕАМ фестивалот е да им оддаде признание на креативните идеи и настани, но и да се потенцира и поттикне важноста на настаните во маркетинг плановите на клиентите и компаниите. БЕАМ ја слави креативноста, уникатноста, иновативноста и вредната и напорна работа на сите актери во индустријата за организација на настани. Ваков тип на фестивали и професионални награди се пракса речиси насекаде во светот, а кај нас ќе се одржува првпат, соопшти ИВАП.

Асоцијацијата на ивент индустријата очекува фестивалот да биде поттик за подигнување на стандардите и развој на индустријата за организација на настани. За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување апликација достапна на интернет-страницата www.beamfestival.mk. Пријавувањето трае до 20 февруари 2023. На страницата се објавени и членовите на жири-комисијата и сите останати информации потребни за аплицирање. Доделувањето на наградите ќе биде на свечен настан кон средината на март.

Очекуваме голем број пријави во сите категории, имавме убава и плодна година со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа кој гарантира непристрасно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и заради тоа очекуваме да победат најдобрите, истакнуваат организаторите на фестивалот БЕАМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.