Музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“ кој имаше за цел да ги возобнови македонските патриотски песни, по 18 успешни концерти низ цела Македонија, својот завршен концерт ќе го има на 7 декември во Македонската филхармонија, во придружба на голем симфониски оркестар.
„Македонијо во срце те носиме“, проектот со потписот на Скендеровски продукција, содржи 12 родољубиви песни кои во ново руво ги спакува маестро Николче Мицевски.
Ова е приказна која трае безмалку две години и ќе биде заокружена на 7 декември, со голем концерт во Скопје.
Концертот е закажан во големата сала на Филхармонија во придружба на голем симфониски оркестар и под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Она што е ново, како што беше соопштено на денешната прес-конференција е дека освен веќе добро познатите 12 преработки на патриотски песни, публиката ќе има можност на сцената да види и да чуе уште три нови.
Промена во однос на имињата кои беа дел од турнејата, а во чии рамки се одржаа 18 концерти ширум земјава и еден за нашинците во дијаспората, нема да има, односно трите најавени нумери ќе бидат отпеани од некои од нив.
Со оглед на тоа дека маестро Николче Мицевски, кој ги потпишува сите преработки, а овој пат ќе биде задолжен и за оркестрациите, сѐ уште вредно работи, дополнително ќе бидат откриени детали околу тоа за кои нумери станува збор и кој ќе ги отпее на сцената на Филхармонија.
Пресреќна сум што успеавме да го реализираме проектот онака како што замисливме, што на некој начин им го продолживме векот на песните и што им дадовме и свој печат и дел од нашите души“, рече Бојана Скендеровски, која во рамки на проектот ја отпеа легендарната „Заветна“.
Истомисленици со Бојана се и Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов и Николче Мицевски, кои се едногласни дека изминатите две години колку што поминаа додека караванот ја обиколуваша Македонија, ќе им останат во најубави спомени.
Од Скендеровски продукција откриваат дека сите средства од продажбата на влезниците за завршниот концерт, ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Инаку, влезниците ќе се продаваат преку мрежата на www.kupikarta.com по цени од 1000 и 1400 ден.
На 7 декември со почеток од 20 часот дојдете во Филхармонија и бидете дел од „Македонијо во срце те носиме“ за уште еднаш да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставиле генерациите пред нас, порачуваат организаторите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.