На три недели пред 31-вото издание на „Охрид фест“, уметничкиот директор на фолк вечерта, Љупчо Соколовски открива ексклузивитети врзани за учесниците, музиката што ќе преовладува и порачува дека и годинава ќе сведочиме на квалитена народна песна.

Како и минатата така и годинава, како уметнички директор на Фолк вечер на Охрид фест, целта ми е да имаме квалитетни песни што ќе бидат на високо ниво, бидејќи според многу компетентни критичари и новинари од музичката фела добивме позитивни критики за ланското издание. „Охрид фест“ беше еден од најдобрите фестивали за 2023 година. Песните што ќе се разлеат од Долни Сарај на 30 август се во духот на охридскиот мелос, можеби со помодерни аранжмани но сепак ќе биде запазен звукот на мандолината, тамбурата, кларинетот и виолината. Да потсетам дека лани имаше доста наши музички звезди кои се претставија со навистина квалитетни композиции. Го следиме тој модел: ќе бидат изведени 20 песни од различни автори, што значи дека песните стилски ќе се разликуваат, ќе имаме различни мелодии.  Инаку, годинава сум уште поинспириран: ќе настапат еминентни имиња од фолк сцената, и секако, им даваме шанса на млади надежни музички имиња. Ќе набројам само дел од учесниците: Благица Павловска, Катерина Танева, Горан Кукиќ, Ленче Кукиќ, Нино Величковски, Ирена Спасовска, Влатко Миладиноски, групата Биоритам, Драган Николовски, Благоја Грујовски, Анета Арсовска, Петар Нечовски, Катерина Ристова…

Открива дека потешко е да се обезбеди квалитетно пејачко име, од причина што тие се предходно веќе ангажирани, станува збор за викенди кога најмногу се активни и настапуваат.

Како уметнички директор на Фолк вечер можам да се пофалам  дека годинава беше полесно да се дојде до звучни имиња , бидејќи две години наназад воведов доста промени во уметничкиот дел, што е резултат на моето залагање и идеа како треба да се третира еден реномиран фестивал како што е Охрид фест. И секако да не заборавам на соработката со прекрасниот тим што стои зад овој фестивал, а истото го препознаа новинарите, медиумите, порталите, со што прави еден фестивал да блесне…. Ќе повторам, годинава имаме доста големи музички имиња, фестивалот ќе биде вистински празник на музиката. Инаку, фестивалите секако и ден денес се популарни бидејќи имаме нови песни, а тоа е како ново засадено дрво, така што секоја песна ќе си остави свој белег во свое време, а и во македонската музичка ризница. Исто така е многу важно што на секое издание се раѓаат нови млади квалитетни музички имиња, кои имаат простор да се покажат пред публиката и да се промовираат, а тоа е нешто што е многу потребно во ова време.

Соколовски смета дека фестивалите допринесуваат за зачувување на нашата фолк песна и дека кај нашите изведувачи има уште надеж дека преку фестивалите народот ќе има простор да чуе и види нешто добро. Нашиот мелос е многу убав, колку повеќе нови песни се раѓаат- толку повеќе ќе се намали просторот за туѓа музика .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.