Триесет и шестото издание на Фолк фест „Валандово“ ќе се одржи на 28 – ми овој месец во фестивалската сала „Јанко Узунов“, а на фестивалската сцена ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.
Ова беше соопштено на денешната прес конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за Фестивалот и за тоа до каде се подготовките за ова издание.
Според градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.
Фолк фест „Валандово“ е национална вредност, Фестивалот е македонскиот идентитет и практично тоа го покажува низ песните кои на секоја веселба, па дури и тага во државата се составен дел.Сите ние сме растеле со фестивалот и затоа наша обврска е да го негуваме и развиваме и колку што е можно Фестивалот да биде се подобар. За Валандово е една од најзаначајните манифестации, бидејќи кога ќе се спомне Валандово се мисли на Фолк фест и затоа е значењето е, би рекол, историско, рече валандовскиот градоначалник.
Тој информираше дека пред главната фестивалска вечер е планирано да се одржат две воведни вечери на Градскиот плоштад на 26 и 27 мај.
-На овие вечери ќе настапат „Распеани валандовчани“, Јоце Панов, Жељко Самарџиќ, Ефто Пупиновски, Ана Бекута и „Куку леле“. Се надевам дека ќе имаме добра предфестивалска програма, којашто ќе биде вовед во 36.издание на Фестивалот, додаде Костадинов.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Живоин Глишиќ, информираше дека на Јавниот конкурс пристигнале повеќе нови песни, а жирито одбрало 20.
-Не е лесно да се изберат композиите за фестивалот. Можеби некоја нема да биде избрана и затоа некои композиции си го наоѓаат местото, а некои не, но секогаш има место за добри композиции, рече Глишиќ.
Тој објави дека наградата за животно дело годинава ќе му се додели постхумно на пејачот Ѓоко Дончев, а во паузата на гласањето на фестивалската вечер ќе биде изведен омаж за починатиот музичар, Милан Завков.
На денешната прес конференција со жребка беше одреден редоследот на настапите на исполнителите, а наградите се доделуваат со гласање на публиката во салата и стручното жири.
И годинава водители на Фолк фест „Валандово“ се Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев, со директен пренос на МРТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.