По трет пат се одржува БЕАМ Фестивалот, кој ќе ги собере водечките професионалци од креативната, културната и забавната индустрија за да ја прослават извонредноста во организацијата на настани и да ги награди најдобрите и најуспешни настани одржани во 2024 година. Фестивалот е во организација на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП.
Пријавувањето е отворено од 1 ноември а ќе трае се до 31 јануари 2025 година. Пријавувањето е во 12 категории а можност за учество имаат сите компании кои органиизрале настани во календарската 2024 година. Пријавувањето е преку апликација која може да се најде на интернет страната на БЕАМ – www.beamfestival.mk. На страницата се објавени и членовите на жири комисијата и сите останати информации потребни за аплицирање, како и правилата за учество.
БЕАМ е фестивал кој по содржината е единствен не само кај нас, туку и во регионот. Фестивалот е наменет за сите професионалци кои организирале настан во 2024 година и можат да се пријават во некоја од 12-те категории. Преку него ја славиме уникатната енергија и професионалноста која ја носат нашите настани. Целта е да се поддржат и валоризираат оние што создаваат и да поттикне зголемен број на креативни и значајни проекти, – изјави Маја Бабиќ, директор на БЕАМ.
Исто како и претходните години, апликациите ќе ги оценува жири комисија составена од искусни и докажани професионалци во различни сектори од индустријата, културата и креативните индустрии.
Инаку, изминатите две изданија на БЕАМ покажаа, особено со бројот и квалитетот на пријавените настани, дека недостасувала платформа за валоризација на индустријата. Наградите се доделуваат на свечена церемонија во присуство на голем број на професионалци од индустријата. Ваквите настани се можност за запознавање, вмрежување и развој на идни соработки.
Исто како изминатите две години, очекуваме голем број на пријави во сите категории, 2024 година беше навистина плодна, со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа кој гарантира непристрасно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и заради тоа очекуваме да победат најдобрите – изјавија од БЕАМ.
Доделувањето на наградите ќе биде на свечена гала церемонија на почетокот на месец март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.